Поевтинувањето на роамингот да го плати државата


Телекомуникациските оператори бараат намалување на давачките за да можат да го поднесат укинувањето на роамингот на Балканот. Според Спогодбата за укинување на роамингот во Западен Балкан, од 1 јули годинава до јуни 2021 цените за роаминг услугите постепено ќе се намалуваат, истовремено намалувајќи ги приходите на операторите. На економскиот форум во Виена, ВИП побара Владата делумно да компензира дел од фискалните и парафискалните давачки кои сега ги плаќаат.

„Со тоа ќе ослободиме простор за идни инвестиции во развој на телекомуникациските услуги. Засега има подготвеност за дијалог и за соработка со Владата на оваа тема“, изјави Мислав Галер, извршен директор на ВИП во Виена.

Владата одговара дека барањето ќе биде разгледано. Според вицепремиерот Кочо Анѓушев, од интерес на сите е граѓаните да добијат поевтин роаминг и затоа Владата ќе ги направи сите можни чекори поврзани со барањата и олеснувањата кон операторите.

Согласно со Спогодбата за укинување на роамингот во Западен Балкан, од 1 јули годинава до јуни 2021, кога цените за роаминг-услугите ќе исчезнат, се воведува преоден или транзитен период во кој операторите за роаминг-услугите ќе може да наплаќаат само одреден дополнителен надомест на националните електронски комуникациски малопродажни цени. Тој дополнителен надомест не може да биде поголем од околу три денари (0,05 евра) за роаминг-појдовни повици. Додека, пак, малопродажната цена за влезните роаминг-повици ќе биде околу 2,5 денари во првата година, започнувајќи од 1 јули годинава, односно околу 1,5 денар во втората година, започнувајќи од 1 јули 2020 година. Слични намалувања на роаминг-услугите се очекува и за СМС-пораките, со тоа што излезните СМС-пораки нема да бидат поскапи од 3,7 денари, додека влезните СМС-пораки ќе бидат бесплатни.

Ваквата спогодба ќе придонесе до намалување на цените за роаминг-повици во просек од 50 до 70 проценти уште во првата година од нејзиното имплементирање споредено со сегашните цени на регулираните малопродажни роаминг-повици со четирите земји потписнички на Спогодбата за намалување на роаминг услуги од септември 2014 во Будва.