Поетското творештво на Ручигај објавено на словенечки јазик

Поетското творештво на првата современа македонска поетеса, Даница Ручигај беше објавено во препев на словенечки јазик. Од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ велат дека ова издание е уште една потврда за перспективите на развојот на македонстиката во Словенија во кои постојано се вложува во соработката со Универзитетот во Љубљана.
Авторка на препевот и на поговорот на изданието е младата словенечка македонистика и славистика, учесничка на школите на МСМЈЛК при УКИМ, Маја Ковач, а како издавач, зад овој проект застана Културно-уметничкото друштво „Полица Дубова“.
–За успешна преведувачка дејност, неопходно е суштинско разбирање на книжевниот текст, а со тоа и на јазикот на којшто тој е напишан. Во овој поглед, од големо значење е МСМЈЛК при УКИМ. Благодарение на соработката на МСМЈЛК при УКИМ со странските универзитети, вклучително и со љубљанскиот, имав можност да учествувам на две летни и една зимска школа. Организацијата на школите на МСМЈЛК при УКИМ со врвни експерти што држат предавања и лекторска настава за слависти е беспрекорна! Токму програмата на школите на МСМЈЛК при УКИМ и бројните добро осмислени активности, но и самото престојување заедно со професори, лектори и колеги што срдечно ја пренесуваат страста кон македонистиката и на другите, ми овозможи да го усовршам македонскиот јазик, истакнува Ковач, по објавувањето на изданието со поезијата на Ручигај.
Препевот на Ковач е работен според изданието „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“ што го приредија Свето Стаменов и Искра Чоловиќ во 2003 година, по повод 40-годишнината од смртта на Ручигај.
Словенечкиот препев на севкупното поетско творештво на Ручигај е веќе достапен за словенечката читателска публика, а една од неговите промоции се планира и во рамките на активностите на МСМЈЛК при УКИМ.