Поетот Славе Ѓорго Димоски е добитник на државната награда „23 Октомври“


Фото: Б. Грданоски

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“ на седницата одржана на 4.10.2024 година донесе одлука за доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2024 година за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.

Наградата „23 Октомври“ за остварување во областа на културата и уметноста му се доделува на Славе Ѓорго Димоски, поет.

Претседател на Одборот за доделување на наградата „23 Октомври“ е Блаже Миневски.

Наградата ќе му биде врачена на добитникот на 23 октомври 2024 година (среда) во 12 часот во Собранието на Република Северна Македонија.

Славе Ѓорѓо Димоски (1959, Велестово) завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во два мандата бил претседател на Управниот одбор на НУ „Струшки вечери на поезијата“. Основач е и долгогодишен раководител на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“. Автор е на бројни книги поезија, објавил шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје. Лани беше лауреат на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема.