Поетите Катица Ќулавкова и Митко Гогов учесници на Шкотскиот меѓународен поетски фестивал Станца 2021


Како дел од програмата на шкотскиот поетски фестивал СТАНЦА, денеска ќе се одржи преведувачка работилница „Најдено во преводот: Од Станца до Скопје“ на која ќе учествуваат британските поети преведувачи  Питер Мекај и Танија Хершман, како и македонските поети Катица Ќулавкова и Митко Гогов.

Заради кризата со Ковид-19, годинашното издание на „Станца“ ќе се одржи онлајн. Гледачите ќе можат да ги погледнат над стотината настани кои вклучуваат читања, изведби, разговори, филмски и видео проекции, настани за деца како и низа изложби и инсталации. Како дел од официјалната програма на фестивалот се одржуваат и настани од полето на музиката, театарот и танцот.

Од Интернационалниот поетски фестивал ЕКС ЛИБРИС Скопје информираат дека во текот на шест месеци од 2021 година, со помош на преведувачот Никола Ѓелинчески ќе работат заедно на создавање подобри преводи и нови креативни верзии на нивното творештво. Придобивката на дигиталното работење е тоа што поетите можат да се зближат и да соработуваат на подолг временски период. На овој настан ќе бидат претставени преводите од нивната прва креативна работилница, проследени со дискусија за процесот на пресоздавање.

Проектот на преведувачката работилница е организиран во партнерство меѓу Шкотскиот меѓународен поетски фестивал СТАНЦА од Сент Ендрјус и Интернационалниот поетски фестивал ЕКС ЛИБРИС СкопјеОвој партнерски проект е поддржан од програмата на Британскиот совет за финансирање меѓународни проекти од полето на книжевноста.

– За жал, ниту проектот за преведувачката работилница, ниту самиот Интернационален поетски фестивал ЕКС ЛИБРИС Скопје 2021 не беа поддржани во Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година. Оваа меѓународна соработка ќе ѝ овозможи на македонската публика да ѝ бидат претставени врвни светски поетски имиња, но и да овозможи и поширока рецепција на македонската поезија во светот, се вели во соопштението од Интернационален поетски фестивал ЕКС ЛИБРИС Скопје.