Поедноставен транспортот на храна меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија
На граничните премини се врши само контрола на документацијата, додека физичкиот преглед се врши на местото на истовар или на царински термнинал во внатрешноста
Стапи во сила Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедност на храна и фитосанитарната политика, потпишан во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.
Согласно Договорот, поедноставени се царинските постапки поради што е и олеснет транспортот на храна.
-Иницијативата „Отворен Балкан“, со кој меѓу Албанија, Србија и Република Северна Македонија во декември минатата година се потпиша и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедност на храна и фитосанитарната политика е веќе реалност со кој се обезбедува полесен пристап и поедноставни царински постапки, намален број на физички контроли и лабораториски испитувањеа при увоз на храна, животни, добиточна храна, растенија и други производи. Во насока на олеснување на трговијата меѓу трите држави и олеснување на протокот на добра, меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија, врз основа на Договорот, на граничните премини при увоз се врши само контрола на документацијата односно, идентификациски преглед на пратките, додека физичкиот преглед се врши на местото на истовар или на царински термнинал во внатрешноста, вели за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски.
Меѓу државите потписнички на Договорот разменети се мониторинг плановите за безбедност на храната и здравје на животните кои се спроведуваат во секоја држава, со цел секоја од земјите потписнички да има увид за секоја држава во степенот на безбедност на храната и усогласеноста на националните законодавства со ЕУ легислативата во областите кои се предмет на Договорот.
-Договорот има за основа интензивирање на соработката базирана на воспоставени ЕУ стандарди и признавање на резултатите од спроведените лабораториски анализи со акредитирани методи како основа за олеснување на трговијата и развој на економиите во трите држави. Тој претставува база и реален вовед во активностите кои на ова поле треба да ги преземеме како држави во поглед на пристапувањето кон Европската унија, објаснува Бабовски.