Подољак тврди: Многу прашања околу нападот во Москва останаа без одговор


Советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, реагираше на обвинувањата на Москва околу можна замешаност на Киев во нападот на концертната сала во Москва реплицирајќи дека терористите се всушност привремени руски државјани и дека, иако седиштето на руското ФБИ се наоѓа на стотици метри од местото на нападот, им требало цел час да стигнат. 

„Терористите се – барем привремено – руски државјани. Истрагата не е во тек, но има многу прашања на кои треба да се одговори: Зошто речиси во центарот на Москва шетаа вооружени луѓе? Зошто детекторите за метал беа исклучени и немаше периметарско обезбедување? Зошто мрежата на агенти не функционираше и  зошто окружниот оддел на ФСБ, чија канцеларија се наоѓа на стотици метри од Crocus City Hall, не реагираше на никаков начин 2-3 часа? Зошто специјалните сили пристигнаа на местото по повеќе од еден час? Зошто беше игнорирано предупредувањето за можни терористички напади? Зошто немаше разузнавачка работа и  зошто терористите мирно ја напуштија зградата опколена од безбедносните сили и исчезнаа? Зошто, откако ефективно го организираа самиот напад, терористите се повлекоа на апсолутно смешен начин? Зошто беа приведени на белоруската граница? Зошто сите не зборуваа руски? Зошто тие беа руски државјани а нападот беше организиран во рамките на исламскиот радикализам… многу прашања. И,тогаш излегува  Путин и примитивно, апсолутно без никакво разбирање на контекстот, функционирајќи без никакви информации, глупаво наведува дека „се обидоа да се сокријат во Украина“. Што? Сериозно? Што е ова? Дали навистина е можно сериозно да се сфати овој човек и неговите изјави?“- напиша Подољак на Твитер.

Вчера реагираше и украинскиот шеф на дипломатијата Дмитро Кулеба:

„Путин лажеше за бомбашките напади во станбената зграда во 1999 година, за катастрофата на подморницата Курск во 2000 година, за опсадата на училиштето во Беслан во 2004 година, за убиствата на Политковскаја во 2006 година, Магнитски во 2009 година, Немцов во 2015 година и многу други критичари, за руските војници кои го окупираа Крим и авионот МХ17, за намерата да ја нападне Украина, да наведам неколку лаги на многу, многу долгиот список. Путин е патолошки лажго. Вклучувајќи го и сега кога тој очајнички се обидува да ја поврзе Украина или другите западни земји со масовното пукање во близина на Москва, и покрај фактот што нема докази за поддршка на таквите тврдења. Не дозволувајте Путин и неговите послушници да ве измамат. Нивната единствена цел е да мотивираат повеќе Руси да загинат во нивната бесмислена и криминална војна против Украина, како и да всадат уште поголема омраза кон другите“, напиша Кулеба.