Поднесено обвинение за Жан Митрев за хемофилтрацијата


 

Основното скопско обвинителство поднесе обвинение против д-р Жан Митрев и против истоимената приватна клиника чиј прв човек е тој, потврдиja на брифинг со новинарите шефот на основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, и јавниот обвинител надлежен за предметот Искра Хаџи Василева.

Митрев се товари за кривично дело измама за кое е предвидена затворска казна до 10 години.

„Митрев имал намера да ги доведе во заблуда, бидејќи е човек којшто има авторитет и со тоа се стекнал со имотно-правна корист. Се јавија 283 луѓе и се приклучија кон постапката. Имаше и голем број на луѓе кои не знаеа дали сакаат да учествуваат во постапката, носигурна сум дека ќе има луѓе кои што се оштетени и ќе се приклучат на неа“, рече Хаџи Василева.

Митрев се сомничи дека во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за да пробави имотна корист за неговата клиника со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од Ковид-19 со методот на хемофилтрација.

По објавувањето на оваа информација веднаш реагираа од клиниката „Жан Митрев“: „Се гледаме на суд е нашиот одговор на денешната одлука на Основното јавно обвинителство да се гони д-р Жан Митрев  за измама. Оваа лакрдија од неосновани напади на суд ќе мора да се докаже, а ќе биде тешко да се докаже бидејќи вистината е дека ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите. Со тоа на суд ќе падне и самото обвинение на ОЈО. 

Повторуваме дека Клиниката и во најтешките периоди работеше според највисоки здравствени стандарди, транспарентно и во согласност со веќе утврдени и дозволени методи на лечење, кај нас и во светот. Со ова ќе ја докажеме вистината и фактичката состојба, за нашата работа дека се што беше направено во клиниката ‘Жан Митрев’, беше направено за пациентите и според дозволени методи и стандарди на лекување“, велат од клиниката. 

„Ќе се докажувам на суд ако треба сто години. Никого не сум измамил, ниту сум имал намера и мисла, сѐ што правам е од срце за овој народ“, рече Митрев во вчерашната „Топ тема“ на Телма.

Тој објаснуваше дека не можел да ги објасни мотивите зошто некој „ги изманипулирал луѓето“ преку документарниот филм на мрежата ИРЛ „Нечиста крв“. Се сомнева на некои од вработените, за кои тврди дека веќе се вработиле во конкурентски болници и изнесувале неточни информации со цел да му наштетат на угледот, и негов и на клиниката.