Поднесено обвинение за силување во Скопје


Фото: Б. Грданоски

 Силувач од Скопје кој жртвата со сила ја принудил на обљуба во станот на неговата мајка, денеска заработи обвинение поднесено од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.

Како што соопшти Јавното обвинителство, 55-годишен маж, кој се товари дека го извршил кривичното дело Силување, на 28 септември со употреба на сила и закана принудил на обљуба една жена.

– Оштетената ја пресретнал околу 15 часот, кога се враќала од работа, присилно ја внел во возилото кое го управувал, па ја однел во станот на неговата почината мајка. Таму започнал физички и психички да ја малтретира жртвата, упатувајќи закани кон неа и закани за нејзината ќерка. Цело време ја удирал и ја влечел за косата, по што извршил обљуба врз неа. По присилниот сексуален однос, продолжил да ја удира жртвата со боксови и клоци, од кои оштетената се здобила со телесни повреди, се наведува во соопштението на ЈО.

Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.​​