Поднесено обвинение за Јово Вангеловски за злоупотреба на службената должност

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен предлог против поранешен претседател на Врховниот суд за сторено кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„На 30.11.2018 година во својство  на службено лице – претседател на Врховниот суд на Република Македонија, обвинетиот донел поединечни решенија за сите судии на Врховниот суд со кои им го утврдил додатокот на плата за месец ноември во износ од 35 проценти од основната плата, кој согласно законот им следува за посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливост. Притоа, свесно, со намера потешко да ги повреди правата, обвинетиот не донел Решение за исплата на додаток на плата во износ од 31.839,00 денари за оштетената – судија во Врховниот суд, која во конкретниот период не користела отсуство од работа“, стои во соопштението од ОЈО.

Обвинетиот, посочуваат од ОЈО, постапил спротивно на член 7-б од Законот за платите на судиите и член 7 од Правилникот за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување за судиите во Република Македонија донесен од Судскиот совет на Република Северна Македонија, со што го сторил кривичното дело кое му се става на товар.