Подигнато обвинение против актерката Силвија Стојановска за шверц на кокаин


Против актерката Силвија Стојановска и нејзиниот сопруг Воислав Будисављевиќ Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за шверц на кокаин од Колумбија во Шпанија. Брачниот пар беше уапсен пред шест месеци во рамки на меѓународната операција „Колибри“ заедно со уште три лица во Шпанија.
Обвинителството побара да ѝ се продолжи куќниот притвор.
„Во текот на истрагата обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година, обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралство Шпанија од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како повеќе лица, земале учество во неовластено купување, пренесување и продавање на кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грам. Обвинетите подготовувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаин од Р. Колумбија до Мадрид, Кралство Шпанија и барале купувачи на истата“, соопшти Обвинителството.

Стојановска и Будисављевиќ се уапсени во Скопје на 18 декември 2019, кога во Мадрид е запленето околу 700 кг кокаин. Према проценка на полицијата, неговата вредност во продажба на големо би ја достигнала сумата од 20 милиони евра.