Подготвени сме да разговараме за Изборниот законик, но тој не смее да се носи избрзано, порача Ковачевски


Фото: Б. Грданоски

Социјалдемократскиот сојуз е подготвен да разговара за измени на Изборниот законик, но тие не смее да се носат избрзано, изјави вечерва во интервју за Канал 5, премиерот Димитар Ковачевски.

– Во програмата на Владата стои дека изборното законодавство ќе биде усогласено со препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Отворена е дискусијата и за една изборна единица, а СДСМ се произнесе дека ќе разговараме со сите партии, бидејќи Изборниот законик се носи консензуално, потенцира Ковачевски.

Тој додаде дека различни партии имаат различно видување во врска со изборниот модел и додаде дека токму затоа Изборниот законик треба да се носи во подолг временски период, за истиот да биде направен на начин кој ќе биде спроведлив и адекватен за сите партии.

– Не треба временски да се ограничуваме, туку да се отвори дискусија и да се види кој модел е најдобар за сите политички партии. СДСМ ќе учествува во таа дискусија, заедно со сите коалициски партнери, потенцираше Ковачевски.

Тој истакна дека и пред локалните избори имало иницијатива за отворени листи за советници, но тој лично бил против тоа носење избрзано, бидејќи со тоа само ќе се направела забуна на гласачите.