Подготвени правилниците и уредбите за складирање електрична енергија


Веќе се подготвени сите правилници, уредби и подзаконски акти во делот на воведување и дополнителна можност на сите компании и на тие што инвестирале во делот на фотонапонските централи за складирање електрична енергија која ќе може да се користи во моменти кога тоа би било најпотребно, имајќи предвид дека Северна Македонија е интегрирана во делот на енергетскиот пазар на ЕУ, информираше денеска министерот за економија Крешник Бектеши.  

Тоа, како што појасни, ќе биде дополнителна можност и тие што се производители и потрошувачи во одредени моменти да можат да ги имаат таквите батерии со цел вишокот на производство на електрична енергија да можат да го продаваат, а тоа да влијае врз нивните приходи.

Бектеши најави дека Министерството за економија во текот на наредните две недели ќе ја усвои уредбата за воведување гаранција на потекло што е механизам од страна на ЕУ посебно на производство на електрична енергија од обновливи извори.

-Тоа значи дека загадувачите на ниво на ЕУ ќе треба да платат таква гаранција на тие производители кои произведуваат од обновливи извори на енергија како што се соларните, производството од вода, од ветер или, пак, слично. Овие реформи се направени во последните неполни две години и денеска зборуваме за околу 500 мегавати инсталирана моќност само од фотонапонски централи во нашата држава. И ако направиме споредба колку беше тоа пред две години, може слободно да кажеме дека не се спроведливи. Во државата немавме ни 20 мегавати, а во нашето знаме го имаме Сонцето, денеска зборуваме за над 500, а до крајот на годината очекувањата се да надминат 600 мегавати, истакна министерот.