Подготвена ли е ЕУ за проширување?

Проширувањето станува реално од моментот кога ЕУ почнува да зборува за парите и фондовите, а тоа веќе се случува во Брисел


Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја упати поканата повеќе пати, но допрва треба да одреди датум за забавата за добредојде.

„Вие сте дел од нашето семејство, вашата иднина е во нашата унија, а нашата унија не е целосна без вас“, рече  Лајен минатата година на Украина и на деветте други земји кои трпеливо чекаа во редица за членство во ЕУ.Но, како што се поблиску изгледите за пристапување на Украина во блокот, лидерите на ЕУ прашуваат – дали ЕУ е подготвена за проширување?

Какво би било влијанието врз буџетот на ЕУ, кој веќе сега е под притисок? Дали Полска, Грција или Унгарија би биле среќни да преминат од нето-корисници на буџетот од ЕУ во нето-придонесувачи? Дали Германија и Франција би биле подготвени да придонесат повеќе? Дали европратениците ќе треба да се повлечат на клупите за да направат простор за повеќе политичари од новите држави во најголемиот парламент во светот? Дали политичкиот баланс би се нишал лево или десно?

Секоја од 27-те земји-членки може да стави вето на пристапувањето на друга земја, правејќи ја домашната политика силен фактор во одлуките за тоа кој влегува во ЕУ, а кој не. Ако некоја држава смета дека некое од овие прашања е непријатно за нејзиниот електорат, може да го попречи пристапот.

„Многу  доцна земјите-членки се разбудија со идејата дека ќе мора да се реформираат внатрешно“, вели Стивен Блокманс, директор за истражување во Центарот за европски политички студии (ЦЕПС). 

“Тинк-тенковите се занимаваа со ова прашање со години, но дури сега, по руската инвазија на Украина, министерствата и канцелариите низ Европа почнаа да прават пресметки, дури и споредни“, вели Блокманс.

Пред инвазијата, вели тој, некои набљудувачи сметале дека проширувањето е „клинички мртво, вештачки оживувано на самитите на ЕУ“. Војната го промени сето тоа. Како што рече еден дипломат: „Проширувањето не само што се врати на агендата, туку се врати како едно од првите три прашања со кои се занимаваат лидерите“.

Европската комисија допрва треба да ги скицира можните сценарија за буџетски и институционални реформи во проширена Европа. Сè уште не се појавило ништо „што би наликувало на опиплива, структурирана реформа на процесот на проширување“, рече Блокманс во неодамнешниот извештај на CEPS.

Украина и Молдавија беа додадени минатото лето во редот на официјални кандидати кои ги сочинуваат Албанија, Србија, Косово, Турција, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, а Грузија е во активен процес на аплицирање. Косово е со Д0оговор за стабилизација кој треба да му помогне понатаму да се движи на патот.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, повика на отпочнување официјални преговори за влез во ЕУ на Украина и Молдавија следната година, а во ЕК има признание дека вниманието сега мора да се фокусира и на пристапувањето на земјите од Западен Балкан.

 „Мораме да разговараме како ќе изгледа процесот на донесување одлуки. Мораме да разговараме како ќе се распредели заедничкото финансирање што го имаме, кои се заедничките политики што ќе ги следиме? Тоа се многу принципиелни прашања што мораме да си ги поставиме. Мораме да ги решиме што е можно поскоро, бидејќи ќе ни треба време да донесеме заклучок“, рече неодамна Лајен.

Додека Украина и Молдавија сега се фаворити, еден висок дипломат на ЕУ предупреди дека ништо нема да се случи за забрзување на процесот додека не дојде до поголема врева од внатре во ЕУ.

„Ништо нема да се случи додека не се изврши максимален политички притисок. Зошто земјите-членки би се согласиле на проширување против статус кво?“- рече извор од Европската комисија.

Оваа недела, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ги повика политичарите да почнат да се занимаваат со реформите на ЕУ, поставувајќи цел до 2030 година да бидат подготвени за проширување. „Има уште многу работа. Ќе биде тешко, а понекогаш и болно. За идните земји-членки и за ЕУ“, рече тој.

За колку би се зголемил буџетот на ЕУ, кој моментално е 186 милијарди евра? Дали трите најголеми придонесувачи – Германија, Франција и Италија – ќе мора да копаат подлабоко во нивните џебови за да ја поддржат Украина? Дали Полска, која оди на избори во октомври, би била подготвена да преземе поголем дел од финансискиот товар?

„Политички ќе биде тешко да се проголта“, вели Блокманс. Но, тој забележува дека многу од потенцијалните нето-корисници се на Балканот и сакаат да видат „Русија уште повеќе да се турне назад“, а тоа може да ги надмине негативните аргументи околу цената на проширувањето.

Потоа се поставува прашањето за големината на Европскиот парламент. Со предвоена популација од 44 милион – 3 милиони помала од Шпанија и 3 милиони поголема од Полска – Украина може да очекува меѓу 50 и 60 европратеници. Дали може да добие некои од 73-те места кои останаа празни поради Брегзит? ? Очекувајте барања за намалување на застапеноста меѓу земјите-членки, никогаш популарна тема за засегнатите.

Со оглед на растечката политичка тежина на земјоделските заедници, една од најголемите задачи на официјалните лица во Брисел исто така е да ги скицира можните реформи на заедничката земјоделска политика доколку Украина стане членка. Украина е еден од најголемите играчи на глобалниот пазар на жито, со повеќе обработливо земјиште од Италија. Пред војната, таа учествуваше со 10% од пазарот на пченица, 15% од пазарот на пченка и 13% од пазарот на јачмен. Тоа беше и доминантен играч на пазарот на сончогледово масло со 50% од секторот, според Европската комисија. Украина би била главен корисник на заедничките плаќања за земјоделството според сегашниот режим. Следниот период на финансирање на ЗЗП е пет години, а проширувањето мора да биде дел од разговорот, изјави неодамна Силвија Бендер, германска министерка за храна и земјоделство.

„Треба да размислиме како можеме да ги вклучиме кандидатите за прием и да ги интегрираме во европската заедничка земјоделска политика (ЗЗП) “, рече таа. „Доколку Украина се приклучи, тогаш дефинитивно повеќе нема да функционира системот на директни плаќања каков што го имаме денес“.

Прашањето за пристапот до внатрешниот пазар и нарушувањата што тој може да ги создаде за земјоделците, исто така, треба да се дебатира, иако Блокманс истакнува дека дел од шокот за системот веќе се случува во Полска и во другите соседни земји каде директната продажба на некои украинските производи е под привремена забрана. Блокманс вели дека изгледите за пристапување на Украина ќе предизвикаат дебата и ќе ги „засилат оние дебати што се водат со години“ за ЗЗП.

Неговиот трет аргумент за ЗЗП е оној што Украина често го прави самата. „Ако се приклучи на внатрешниот пазар, со својата глобална позиција на пазарот во храната и земјоделството ќе ја претвори ЕУ во глобален играч и обезбедувач на сигурна храна. Има одредена вистина во тоа и мислам дека со текот на времето овие точки ќе им олеснат на Украина и на ЕУ да го апсорбираат шокот“.

Портпаролот на ЕУ рече дека е „јасно дека пристапувањето на која било нова земја-членка има ефект врз политиките на ЕУ, вклучително и ЗЗП и фондовите за кохезија“. Тие рекоа дека е „невозможно сеопфатно да се процени влијанието врз ЗЗП или другите политики на ЕУ или буџетите пред политичкиот исход од преговорите за пристап со секоја земја кандидат“.

Тие додадоа: „Како и за време на претходните пристапувања, ова прашање ќе биде разгледано како дел од пристапните преговори пред затворањето на соодветните преговарачки поглавја. Во тој момент ЕУ ќе ја одреди финансиската рамка за идното пристапување, вклучително и  преодни мерки,  односно каде треба да се примени постепено вклучување во фондовите на ЕУ.(Gardian)