Подготовките за Брегзит без договор чинеле 1,5 милијарди фунти


Англија – Британската Влада повлекла 6.000 државни службеници кои подготвувале Брегзит без договор со ЕУ, а кој чинел, како што се проценува, 1,5 милијарди фунти.

Државните службеници кои работеле во други земји сега ќе се вратат на своите секојдневни должности, но не е јасно што ќе работат околу 4.500 нововработени, бидејќи членот 50 е продолжен до 31 октомври.

На Брегзит вкупно работеле 16.000 државни службеници, пишува лондонскиот весник „Гардијан“.

Хилари Бен од Лабуристичката партија изјави дека тоа е „висока цена“ за инсистирањето на премиерката Тереза Меј да го остави на маса излезот на Британија од ЕУ без договор.

– Важно е да се планира за сите непредвидливи ситуации, но тоа е висока цена за постојаните изјави на премиерката: „Мојот договор или без договор“, кога знаеше дека заминувањето без договор не е во национален интерес, истакна Бен, додавајќи дека „тоа е пример кој покажува оти Брегзит е многу скап за нашата земја“.