Подготовки за папата: „Извинете, дали влезниците се бесплатни и како да се облечам?“


Во католичката црква „Пресветово срце Исусово“ во Скопје и вчера се чувствуваше посебно расположение пред вторничката посета на папата Франциск. Вратите на катедралата беа отворени од раните утрински часови, a неработниот ден не влијае врз верниците да дојдат и да се помолат. Во оваа црква, како во катедралата во Струмица, односно католичките парохии во Гевгелија, Богданци, Куманово, Штип, Битола и Охрид уште денеска и утре трае подигнувањето на бесплатните билети, со кои заинтересираните граѓани ќе можат да присуствуваат на светата литургија на плоштадот „Македонија“.
„Интересот е огромен, доаѓаат граѓани и од католичка и од православна вероисповед, од сите вери и нации, домашни и странски, сите сакаат да бидат дел од големиот настан. Регистрацијата е задолжителна за да може да им дадеме влезница. Тие најмногу се интересираат околу прашањата поврзани со организацијата, детали за движење, како ќе биде организиран превозот, паркинзите, во колку часот треба да бидат присутни, што смеат, што не смеат, како да бидат облечени… Мажите панталони, маичка со куси ракави, жените да внимаваат да не се разголени. Секако, првото прашање е околу цената на влезницата, некои не знаат, а други сакаат да се уверат, па прашуваат за да добијат потврда дали навистина билетот за литургијата на плоштадот е бесплатен“, велат во катедралата во Скопје.
Се очекува присуство на петнаесетина илјади граѓани од земјава и од регионот што бара сериозни напори, пред сè од безбедносен аспект, да се изменаџира настанот што ќе биде пренесуван низ целиот свет. Од тие причини, сите заинтересирани граѓани, како и новинарите што ќе известуваат за доаѓањето на папата, најпрво мора да бидат проверени од безбедносните служби.


Според протоколот, поглаварот на Католичката црква пристигнува во вторник околу 8:15 часот на скопскиот аеродром. По свечениот дочек, ќе се упати во претседателската палата на Водно каде што ќе се сретне со шефот на државата Ѓорѓе Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со целокупниот државен врв, цивилното општество и дипломатскиот кор. Потоа, ќе ја посети Спомен-куќата на Мајка Тереза и ќе има состанок со лидерите на верските заедници и средба со сиромашните. Околу 11:30 часот е предвидено неговото обраќање на плоштадот, каде што ќе зборува на италијански, хрватски и македонски јазик. Попладнето ќе има екуменска и меѓурелигиска средба со младите во дворот од катедралата „Пресвето срце Исусово“, како и со свештениците и богопосветените лица. Околу 18:30 часот ќе полета за Рим од аеродромот во Петровец.
Во тие десетина часа, Скопје ќе биде под блокада, поради што граѓаните што најавија присуство ќе добијат точни инструкции од која страна ќе можат да влезат на плоштадот. Кога светиот отец ќе минува меѓу присутните, не е дозволено фрлање на какви било предмети, дури ни цвеќе, а во текот на литургиската прослава не е дозволено ракоплескање.
„Напоменуваме дека би било добро автобусите и личните автомобили да бидат обележани со плакат или некаков знак за распознавање. На влезовите во градот ќе има полиција која ќе ве насочува кон паркингот каде што ќе ве дочекаат волонтери. Освен на паркингот, личните автомобили ќе може да се паркираат и на местата кон кои ќе ве насочат полицајците. Учесниците треба да пристигнат во Скопје најдоцна до шест часот заради безбедносните прегледи што ќе се вршат на патиштата, а од седум часот улиците во централното градско подрачје ќе бидат затворени за сообраќај. До девет часот сите пријавени учесници треба да се наоѓаат на плоштадот. Врз секој присутен ќе биде извршен полициски преглед“, се дел од насоките на организацискиот одбор.
За да им биде олеснето на граѓаните, во центарот на Скопје (пред Спомен-куќата на Мајка Тереза, кај плоштадот „Македонија“ и пред црквата „Свети Димитрија“ во Старата скопска чаршија) се поставени три пункта, со цел и подигнувањето на влезниците и препораките да одат полесно. Иако беше најавено дека тие ќе работат од вторник до четврток од 9:30 до 17:30 часот, вчера на трите локации немаше ниту еден волонтер.

Забрана: Никако алкохол и транспаренти
– Носење експлозивни направи, пиротехнички средства (запалки, петарди, факли, „бенгалки“ и сл.), запаливи смеси и течности, спрејови и шишиња со компримиран воздух, огнено и ладно оружје (ножеви, сите видови метални предмети, шипки, палки, синџири, ножици, жилети, комплети за маникирање, метални прибори за јадење…)
– Предмети погодни за повредување и самоповредување
– Храна и пијалаци во метална и стаклена амбалажа
– Сите видови на алкохолни пијалаци и чадори
– Транспаренти и големи знамиња

Корисно: Носете личен документ и мантил за дожд
– Влезница и личен документ (свештени лица и верници)
– Здравствена книшка и историја на болеста за хронично болните, како и најпотребните лекови што ги користат
– Вода, освежувачки пијалаци во проѕирна пластична амбалажа, а доколку носат храна таа треба да биде во картонска или хартиена амбалажа

Препорака: Не носете многу пари
– Присутните со себе да не носат поголема количина пари или предмети со поголема вредност заради можните ограбувања или губења
– Следење на временската прогноза и носење облека во согласност со времето и со правилата за облекување на литургиска прослава
– Почитување на упатствата што ќе ги даваат водителите на програмата, волонтерите и полицијата
– Доколку некој има потреба од здравствена помош, да се обрати до најблискиот волонтер, кој ќе биде означен со препознатлива ознака

Горан Адамовски