Поделеност околу барањето етничката припадност да стои во новите лични карти
Во државата има различни ставови од политичките субјекти дали етничката припадност треба да стои во новите лични карти или не. За едни тоа е потребно, за други, пак, не постои такво нешто во светската практика.
Додека претседателот на државата Стево Пендаровски не се согласува етничката припадност да биде во личните карти зашто вели тоа го нема во ниту една демократија во светот, премиерот Зоран Заев смета дека е логично понекогаш да имаат различни ставови со претседателот за некои прашања иако веруваат во исти вредности.
-Не постои демократска држава во светот во која постои етничка или религиозна припадност. Мене не ми пречи, не мислам дека тој закон ако биде донесен со таква одредба ќе ја растури државата, ниту дека ќе има негативни последици. Лично не се согласувам, но ако го изгласаат во таков облик, јас ќе го потпишам указот иако не се согласувам тој детаљ да стои во личните карти, вели Пендаровски.
Според Заев, добро што претседателот ќе го потпише указот ако мнозинството одлучи и го донесе законот.
-Понекогаш и ние што веруваме во исти вредности за некои аспекти сме различни и тоа е многу логично. Сепак, претседателот е прв во државата, ова за мене е вредно за внимание, нормално на првиот состанок ќе разговараме за аргументациите. Ќе се води грижа за сите етнички заедници во државата, но државјанството е една карактеристика што е задолжителна во сите документи, а никаде не е забрането, ниту ограничено да биде и етничката припадност, порача вчера Заев.
Потсети дека политичката партија Беса го дала и го аргументирала законскиот предлог уште во 2019 година кога се носеле уставните измени, и оти се работи и за даден збор во рамки на владејачката коалиција.
-Беса тоа го побара, тогаш ги дадоа своите аргументации, тогаш јавно и како тогашна Влада објавивме дека ова е прифатливо, секако се консултиравме и е во духот на Преспанскиот договор. Личната карта е документ за идентификација, а во мултиетничко општество, кога помалите етнички заедници се гласни ние не смееме да останеме неми. Не губи најголемата заедница, Македонците, ништо, ќе бидат впишани Македонци, Албанци, ќе бидат впишани сите, рече Заев.
Истакна дека аргументациите ги разгледувале со стручните служби, ги проверувале и низ Преспанскиот договор.
-Важно е да се почитува до крај државјанството, каде што стои македонско/граѓани на Република Северна Македонија. Етничкиот идентитет на Македонците е потврден со Преспанскиот договор, како што е потврден и македонскиот јазик, и апсолутно нема загрозување на било кои интереси, посочи Заев.
Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува етничката припадност да стои во личните карти, но и во патните исправи, а не поддржува името Република Македонија да биде променето со новата придавка. За тоа, како што вели, има рок од пет години да се примени во документите за лична идентификација и патните исправи.
Во однос на предлогот за впишување националност во личните карти, го повика Заев, ако навистина тоа го сака, Владата да достави закон со европско знаменце до Парламентот.
-Ако навистина Заев има желба тоа да го направи, зошто не го прави сега и да го достави законот во Собранието со европско знаменце за да можам да се идентификувам себе си како Македонец. Апсолутно е точно дека за тоа има сериозна забелешка од страна на амбасадор од страна на една соседна држава, рече Мицкоски.
Смета дека коалицијата помеѓу СДСМ и БЕСА е на стаклени нозе, бидејќи Заев по добивањето укор од странски дипломат го повлекол она што било договорено при склучувањето на коалицијата – во личните карти да биде вметната и етничката припадност на граѓаните.
Партијата Обединети за Македонија (ОМ) преку пишано соопштение информира дека не го поддржува вметнувањето на етничката определба во личните карти и апелира до предлагачите да го преиспитаат овој предлог и да се направи подобра анализа за последиците кои може да се случат.
Според нив, етничката определба е индивидуално право на самоопределување.
-Индивидуална слобода е на секој човек да се чувствува и да биде тоа што е. Дури и во федеративните држави и во држави каде има повеќе националности, не се пишува етничката определба – тоа е свето право на индивидуална слобода и демократија, велат од ОМ.
Грција, пак, очекува доследно почитување на Преспанскиот договор и не сака да коментира што вели македонската опозиција.
-Се надеваме и очекуваме доследно почитување на предвиденото во Договорот од Преспа, нешто што е една од точките, критериумите што се однесуваат на пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ, рече вчера портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Папајоану на редовен брифинг со новинарите.
Прашан за барањето на ВМРО-ДПМНЕ во личните карти да не биде вклучена придавката „северна“, Папајоану истакна дека не сака да коментира „што вели опозицијата во Северна Македонија“.
-Она што сакам да кажам е она што го кажа и Дендиас кога беше тука Османи. Секако се надеваме и очекуваме доследно почитување на предвиденото со Договорот од Преспа, нешто што е една од точките, критериумите што се однесуваат на пристапниот процес на Северна Македонија и на почетокот на преговорите со ЕУ. Не би сакал да коментирам она што го кажува ВМРО во конкретниот случај, рече портпаролот на грчкото МНР.