Поддршката од 6.000 денари за ранливите категории граѓани ќе почне за десетина дена, најавува Битиќи


Финансиската поддршка за ранливите категории на граѓани кои треба да добијат по 6.000 денари најверојатно ќе се операционализира за десетина дена, најави денес вицепремиерот Фатмир Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања на прес конференција на која беше промовирана нова бескаматна кредитна линија за мали претпријатија.

„Гласањето на овој закон во суштина беше малку одложено. Штом законот излезе во Службен весник, ќе се направат сите оперативни чекори“, рече Битиќи, додавајќи дека банките ќе треба да се организираат. Списоците ќе се достават од страна на Владата до банките и соодветно банките ќе треба да ги операционализираат, појаснувајќи Владата законски не можела да ги проверува листите пред Законот да биде во функција и да се направи конечниот список.

„Секако, на граѓаните ќе им биде дадено доволно време според законот за да можат да ги користат средствата“, рече Битиќи.