Поддршката за членство во ЕУ падна под 50 отсто


 

Ставот на граѓаните дека „влезот во ЕУ е добра работа“ падна под 50 отсто и тој сега изнесува 49 проценти, покажа редовната анкета „Еврометар“ на „Евротинк“. Тоа е драматичнен пораст на евроскептицизмот (за 20 отсто) во Македонија во однос на анкетата на „Евротинк“ од претходната година. Резултатот од анкетата спроведена во декември од „Брима“ ги оценува ставовите од 1 до пет. Оценките за „добра работа“ се изведени од изјаснувањата за 4 и 5.

Голем број од испитаниците (1.006) – 34 отсто, мислат дека членството во ЕУ не е добра работа.

Па, сепак, 58 проценти веруваат дека ЕУ е најдобра алтернатива за Македонија, а 33 проценти мислат дека не е.

Во анкетата се испитува и загриженоста на граѓаните околу заканите за Македонија. На таа листа, на закани прва е Бугарија со 27 отсто. Втора на листата, но со многу помал број процентни поени – 4, е Русија. „Евротинк“ ги мерел и оние кои во перцепцијата на испитаниците се најголеми пријатели на Македонија. Србија е на прво место со 37 отсто, втори се САД со 11, трета е Турција со 8,5, а четврта ЕУ со 8,1 отсто. Русија добила поддршка од 2,5 отсто од испитаниците.

Во однос на фундаменталните општествени вредности, 61 отсто од испитаниците сметаат дека нема демократија. Огромни 72 отсто сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока. Во обвинителството веруваат 7 отсто, а во судството 6 отсто.