Поддршка за Преспанскиот договор и евроинтеграцијата од претседателите на парламентите од ЕУ


Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери во Виена, Австрија учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти од Европската Унија, на која покрај претседатели на парламенти на земјите членки, поканети се и претседатели на парламенти на земјите кандидати за членство во ЕУ и земји кои учествуваат како набљудувачи.

Со дводневната конференција, што се одржува од вчера, претседава претседателот на Австрискиот Национален совет, Волфганг Соботка и претседателот на Австрискиот Федерален совет, Инго Апе.

Како што соопшти собраниската прес-служба, конференцијата е поделена на две сесии и тоа Европската Унија и нејзините соседи и Европската Унија во пресрет на европските избори во 2019 година – понатамошен развој на соработката меѓу националните парламенти и европските институции.

Претседателите на парламентите го поздравиле стапувањето во сила на Преспанскиот договор, оценувајќи го како историски чекор кој поставува пример на помирување за целиот регион. Тие ја поздравиле Република Северна Македонија и Република Грција за ова важно постигнување.

Имајќи предвид дека проевропскиот курс на земјите од Западниот Балкан најдобро се одржува со видливи напредоци во процесот на пристапување, претседателите на парламентите уште еднаш ја потврдиле европската перспектива на земјите од Западен Балкан и заложбите за проширување на Европската Унија, како инвестиција во мирот, демократијата и безбедноста.

На втората сесија, претседателите на парламентите ги повикувале граѓаните на Европа за активно да учествуваат во обликувањето на иднината на Европа преку искористување на нивното право на глас во идните европски избори на 23-26 мај 2019 година. Јакнењето на односот помеѓу националните парламенти и институциите на ЕУ е важно за доближување на ЕУ до нејзините граѓани, зголемување на довербата и создавање на поголема транспарентност.

Џафери, како што е наведено во соопштението, имал и билатерална средба со потпретседателката на Националното собрание на Франција, Биро Бонард и претседателот на Комисијата за европски прашања во Сенатот на Франција, Бизе.

Соговорниците ги оцениле билатералните односи како добри и се заложиле за поинтензивна соработка на високо ниво во наредниот период. Џафери информирал за усвојувањето на законите од реформската агенда и побарал поддршка за евроинтеграциските процеси. Од француска страна било изразено уверување дека Франција ќе продолжи да ги поддржува земјите од Западниот Балкан бидејќи смета дека нивната стабилност е суштинска за Европа, но дека ќе инсистира на стриктно почитување на критериумите за членство.