Поддршка за 15 микро и мали компании во рамки на пост Ковид програма на СКСЗМ


Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) ќе поддржи 15 микро и мали компании во рамки на пост Ковид 10 трансформативната програма, финансиски поддржана и од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Компаниите ќе добијат директна поддршка за обезбедување ликвидност, за зачувување на работните места, како и приклучување во синџирот на снабдување на Комората, што ќе значи проширување на домашниот пазар преку стратегија за продажба, преговори, маркетинг активности и управување со кризи.

Дриљон Исени, извршен директор на СКСЗМ истакнува дека преку програмата ќе се поддржат 15 локални микро и мали компании, кои ќе станат членки на Комората во наредните две години и ќе добијат бесплатно членство во првата година.

– Тие ќе добијат информации за законската усогласеност, деловни можности и пристап до финансии. Обезбедуваме обуки за далечинско и дигитално работење и е-трговија во рамки на Центарот за обуки на Комората, што ќе резултира со приближување до нови пазари преку дигитализацијата. Комората ќе обезбеди низа промотивни алатки за секоја компанија и создавање маркетинг содржина за социјалните медиуми, видео промоција и организирање состаноци со други бизниси, вели Исени.

Од Комората веруваат и очекуваат поддршката да им помогне на компаниите во прилагодување и трансформирање на своите активности согласно околностите од пандемијата на вирусот Ковид-19.

– Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем од секогаш се позиционирал партнерски кон своите грантисти, настојувајќи да биде што е можно пофлексибилен адаптирајќи се кон моменталните услови на работа. Ова е посебно важно во сегашниве услови на пандемија каде состојбата бргу се менува и е сосема неизвесна. Овој пристап мотивира и придонесува кон изнаоѓање на иновативни решенија за прилагодување на договорените програми на организациите кои ги подржуваме, како што е Комората, создавајќи најповолни услови за постигнување на максимални резултати и задоволување на потребите на крајните корисници на услугите, а тоа се бизнисите, изјави Дејан Јаневски, директор на Проектот.

Од СКСЗМ информираат дека компаниите добитници ќе бидат избрани преку отворен повик и врз основа на принципот „прв дојден – прв услужен“. – Секоја компанија ќе добие сопствена пост Ковид 19 трансформативна програма, односно ќе добие изработка на бизнис план, обуки за продажба, онлајн маркетинг, преговарање, потоа менторство, како и промотивно видео, посочуваат од СКСЗМ.

Со ова, вели Исени, компаниите ќе добијат бесплатно членство, ќе ги задржат актуелните пазари, ќе ги прошират своите деловни активности, ќе отворат нови пазари и ќе ги зголемат сопствените капацитети за продажба, за промоција и за производство, ќе создадат нови работни места и ќе ги зголемат приходите.