Општина Битола со над милион денари ги поддржа концертите на Бебек и на Грашо


Општина Битола со соопштение до јавноста информира дека оваа година за поддршка на јавни културни настани во градот, од буџетот на локалната самоуправа издвоени се 3,8 милиони денари.

Со средства од општината финансики поддржани се концертите на групите „Галија“ и „Нокаут“, поп-ѕвездата Петар Грашо, како и трите концерти на Авалон-продукција кои во Битола ги одржаа Медуњанин, Рундек и Бебек.

Со соодветна финансиска поддршка на општината се одржаа и концертот на Камерен оркестар на Битола, фестивалите „Локум фест“ и „Илинденски денови“, Џез-фестивалот,  како и претстојниот сценско-музички настан „Битола отворен град“, а средства се издвоени за Фестивалот на музика и вино, манифестацијата „Незабрав“, како и за одбележувањето на Ден на младите.

Во рамки на финансиска поддршка од Општина Битола за културни настани, во оваа година средства се издвоени за ИФФК „Браќа Манаки“, меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ и големиот јубилеј на најстарата научна организација во државата, Македонско научно друштво-Битола кое годинава слави 60 години постоење.

Од секторот за односи со јавност на Општина Битола нагласуваат дека јавното известување за финансиската поддршка на културни настани и за секој културен настан одделно е во функција на транспарентноста и отчетноста на локалната самоуправа.