Подарокот подарен од срце и со љубов е најубав: Ива Милошевска открива зошто убавиот накит на „Ребека“ е идеален за Нова година


Лејла Сабит

-На потешкиот начин, во 2020 година сите сфативме дека најважно на светот е човечкото здравје, па потоа е сѐ друго. Научивме дека само храброста, одважноста и вербата во сопствените способности може да ни помогнат во адаптирањето на промените кои годинава чинам се редеа како на филмска лента!

Ако е секое зло за добро, за годината која следи би посакала најмногу здравје и безброј насмевки без маски, вели за „Независен“ Ива Милошевска, сопственичка и менаџер, која со изгледот на ангел покрај раскошно накитената елка и во бела облека и софистициран накит, е најубава новогодишна реклама за својот бренд „Ребека“ лоциран во Рамстор мол во Скопје.

Новогодишните празници дури и во ковид-услови раскажуваат топли приказни под меко ќебе, со топол божиќен чај на „Алкалоид“, а интервјуто со Ива во продолжение открива и други изненадувања што се кријат во луксузно спакуваната кутија за накит со панделка на „Ребека“.

Како изгледа „Ребека“ за новогодишните празници? Порафинирана, нова, храбра или помодерна?

Ова е наша трета година на македонскиот пазар и морам да признам дека по многу нешта се разликува од претходните. Ако изминатите две години преовладуваше празничната магија и предновогодишната безгрижна еуфорија, па се бараше парче повеќе од вечерните колекции за свечени пригоди, оваа година естетиката падна во сенка на здравствените препораки и мерките за заштита.

Вкусовите се дефинитивно редефинирани, а во таа насока се и нашите најнови колекции кои во голема мера се разликуваат во однос на минатогодишните понуди. Ребека оваа сезона есен/зима 20/21 е порафинирана и прилагодена на стилот на новото нормално: преовладува минимализмот и класиката но прикажани на навистина храбар начин.

Зошто вашиот накит е идеален новогодишен подарок?

Нашиот асортиман нуди  прекрасни парчиња кои можат да соодејствуваат со сечиј вкус, стил и секоја возрасна група. Накит обично се купува со посебен повод, а доколку посебноста на поводот се изрази преку симболика каква што впрочем има во најголем дел од асортиманот на Ребека, тогаш веќе имате полн погодок за идеален новогодишен подарок.

Италијанската супермоделка Џорџија Дарди со накит од колекцијата Jolie

Колку новогодишните празници го менуваат вкусот на подарување? Што сега најмногу се бара, а што стандардно потрошувачите избираат од рафинираниот, а сепак модерен накит?

Од моментот кога пандемијата почна да го диктира целокупниот начин на функционирање а со тоа и стајлингот воопшто, навиките и ставовите на потрошувачите комплетно се променија. Овој декември, главен избор за подарок е Jolie колекцијата дизајнирана од Ребека Тести со минималистичките парчиња изработени од чисто сребро и дијамантски прав и секако безвременските парчиња на колекцијата My World.

Но интересно е што периодов вистинските љубителки на накит, без двоумење избираат од похрабрите парчиња од новите колекции.

Дали вашите клиенти се повеќе мажи или жени?

Од наше лично искуство, кога станува збор за накит и модни додатоци, жените го имаат приматот. Мажите обично купуваат подароци за понежниот пол, меѓутоа, во многу ситуации каде лично сум била сведок, токму мажите се оние кои го имаат последниот збор кога станува збор за финалната одлука на жените „да биде или не“.

Интересно е што во Италија овој тренд на машки аксесоари е поразличен од тука и италијаните многу повеќе внимание обрнуваат на модните додатоци. Главниот дизајнер на Ребека, Алесандро Тести во италијанската модна индустрија е познат по иновациите во сегментот на високо стилизирана либерализација на употребата на модни додатоци кај мажите.

Накит од колекцијата Мy world 

Потребата од естетика и желбата за убавите нешта се враќаат во нормала. Дали во услови на пандемија, изборот кај модните додатоци и понатаму е рационален и внимателно промислен?

На почетокот на пандемијата, неизвесноста го направи своето, па накитот не беше на листата на потребни нешта. Токму тие пролетни месеци од годинава ние ги искористивме за редефинирање на процесите и нашето целокупно работење на пазарот, ставајќи акцент на сервисот на клиентите, достапноста на производите и заштитата на здравјето на персоналот кој работи во салонот, пред сѐ. Откако секојдневието доби некаков нормален тек, веројатно се врати и потребата за естетика, но рационализација при изборот на накит кај купувачите секако постоеше, како ценовно така и во однос на асортиманот. Се бараа побазични модели со попристапни цени. Фиренца го искористи овој период за комплетно редефинирање на Ребека колекциите за есен/зима 20/21 согласно барањата на пазарот, па така оваа сезона имаме седум нови колекции кои идеално се вклопуваат во секоја комбинација, лежерна или вечерна.

Колку рекламните кампањи имаат влијание на продажбата на накитот „Ребека“? Вие внимателно ги избиравте заштитните лица-од познати личности до непознати убави дами.

Брендот Ребека е постојано присутен во медиумите, а во Италија има рекордна застапеност во однос на конкуренцијата. Стратегијата се заснова на интернационални кампањи со водечки агенции, а накитот го имаат носено планетарно познати јавни личности како Бијонсе, Ријана, Линдзи Лохан, Ева Мендез, Пинк, Бар Рафаели и многу други. Една од новите колекции, Moscow, која припаѓа на повисоката селектива, многу често се користи во стилизирањето кај врвни модни магазини во Италија. Парче од оваа колекција носеше Ирина Шајк.

Согласно корпоративните правила на Ребека, ретко се користат класични рекламни кампањи и акцентот е ставен на дигиталните канали на комуникација каков што е случајот и кај нас. Ексклузивните застапници имаат право да соработуваат со свои заштитни лица, доколку сакаат, а ние навистина сакавме брендот да го „преведеме“ во наши прилики, зашто потрошувачите во самите брендови обично ги идентификуваат своите лични вредности. Внимателно ги избиравме заштитните лица на брендот, водејќи се од италијанскиот пример. Тој пример, во национални рамки две години по ред беспрекорно го претставува нашата Каролина Гочева – Корубин. Кога во март годинава, целиот свет сочувствуваше со италијанското ковид сценарио, ние изработивме видео со инсерти „зад сцената“ од последната кампања со Каролина со музика од темата „Ајде да летаме“ изведена од Македонската филхармонија во аранжман на Николче Мицевски. Нашето македонско девојче во својата објава на Инстаграм напиша: „Сонцето повторно ќе сјае, а приказната ќе продолжи!“ И ние во Ребека искрено се надеваме дека нашата приказна со Каролина ќе продолжи уште многу години и навистина ми е жал што годинава со сите перипетии не успеавме да спроведеме нова кампања, но екипата е комплетно спремна, чекаме само погоден момент!

Македонската манекенка Татјана Јанушева е заштитно лице на новогодишните колекции

Дали новогодишните колекции се со нови заштитни лица и кои се тие?

За новогодишните колекции базата во Италија подготви прекрасно конципирана кампања во која преовладува неутралноста на бои во стајлингот а сепак доминира моќта на накитот совршено претставен од Џорџија Дарди, италијанска супермоделка која живее и работи во Дубаи. Станува збор за кампања за седум нови колекции кои се совршена комбинација на гламур и урбана класика: храбри класични синџири комбинирани со барокни бисери, сребрена срма со топчиња со кристали – сите неконвенционални но нагласено трендовски и доста барани. За претставување на овие колекции во Македонија, ја ангажиравме младата и надежна моделка Татјана Јанушева, која има амбициозни идни ангажмани во моделството. 

Кои се плановите на „Ребека“ во новата 2021 година?

2020 нѐ натера да си ги преиспитаме приоритетите, да го забавиме темпото и да ги цениме вистинските вредности. За 2021 година веројатно кај повеќето од нас желбите за враќање на старото добро нормално се огромни. Јас лично навистина посакувам тоа да се оствари но неизвесноста е огромна. Изминативе денови, на нашите профили на социјалните мрежи започнавме кампања со 10 ветувања до одбројувањето за новата година. Првото беше дека ќе ја испратиме тековната година со стил, но заклучокот треба да биде дека новата година ќе ја дочекаме покреативни, поорганизирани и похрабри. Токму таква би сакала да е Ребека во 2021 година.

Која празнична традиција е присутна во вашето семејство?

Новогодишните празници вообичаено подразбираа патување со семејството во полн состав и секогаш враќање дома за Бадник и Божиќ. Годинава, за жал, приликите тоа не го дозволуваат па празничните традиции ќе ги адаптираме на здравствените мерки. Во моментов ни трае семејното гласање за првата заедничка пост-ковид дестинација која мора да биде совршено испланирана согласно сите можности. Јас својот глас го дадов за Италија!

Колку подароците играат улога во празничниот амбиент? Кој е за вас најубавиот подарок?

Без двоумење и кратко: оној кој е подарен од срце и со љубов!

Алка од колекцијата Moscow

По што ќе ја паметите 2020, а што ќе си посакате во 2021?

Како и остатокот од светот, 2020та дефинитивно нема да ја паметам како убава година. На потешкиот начин, сите сфативме дека најважно на светот е човечкото здравје, па потоа е сѐ друго. Научивме дека само храброста, одважноста и вербата во сопствените способности може да ни помогнат во адаптирањето на промените кои годинава чинам се редеа како на филмска лента!

Ако е секое зло за добро, за годината која следи би посакала најмногу здравје и безброј насмевки без маски!