Под товарот на Бојан Христовски може да потклекне Христијан Мицкоски

Премиерот по секоја цена го брани неговиот избор за шеф на Агенцијата за национална безбедност. И ризикува и самиот да се најде на листата на губитници


Премиерот Христијан Мицкоски за време на пратеничките прашања на 28 ноември 2024 (Фото: Б. Грданоски)

 

Необјасниво е зошто со толку енергија, напор, партиска логистика, пропагандна машинерија, се користи премиерот Христијан Мицкоски да го заштити својот избор за директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. Под неговиот товар тој веќе почнува да потклекнува, како што се виде вчера на пратеничките прашања кога излезен на говорницата, дифузен, скролајќи преку телефонот, се обидуваше да најде одговор на прашањата што му ги постави Димитар Апасиев (Левица). И кои не беа поврзани со контроверзниот сертификат за англиски јазик од една опскурна наводна јазична школа во бугарскиот град Пловдив.

Тие неколку минути беа досега најслабиот настап на премиерот откако стапи на функцијата. Ја немаше неговата самоувереност, желбата да го надзборува и поентира над политичкиот противник, да ја докаже исправноста на своите ставови или да ја потенцира важноста на идните планови. Тој само очајно бараше што му пратиле во порака на телефонот за да може да одговори на тврдењата и прашањата на Апасиев, кои беа прецизно поставени па на нив мораше да се даде прецизен одговор.

Речиси и да се нема случено во Собранието, откако мобилните телефони станаа наше секојдневие и потреба, некој пратеник, а особено не премиер или министер, од говорницата очајно да бара помош од „пријателите“ или службите што го хранат. Тоа се случи прв пат во четвртокот и тоа му се случи на човекот кој е толку опседнат со себеси и самоувереноста дека може да одговори на секој политички предизвик. За негова жал, тоа ни од далеку не му успеа во четвртокот.

Кога помилувањата што ги даде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова поради еден контроверзен случај на нарко бос се закануваа дека може значајно да ја поткопаат на функцијата што ја извршува уште на самиот почеток на мандатот, комисијата што го даде предлогот (што таа ја состави), поднесе оставка. Како и во секоја комплицирана ситуација и во секоја држава, „шефот“ (премиерот или претседателот) треба да се заштити и некаков процес треба да тргне повторно. И покрај тоа што одлуката ја донесе самата претседателка.

Мицкоски верува оти не направил никаква грешка со именувањето на Бојан Христовски на чело на АНБ, дека тој е кадарот кој најдобро може да ги спроведе неговите замисли, дека нему може да му верува за работи за кои и не треба да се знае – и дека би било трагично за него како премиер и за неговата партија да има сомневање во просудбата што ја направил. Не дека не е безгрешен, туку дека за толку важна работа (барем за него) нема да отстапи. Па макар колку и да биле жртвите што треба да се поднесат.

Случајот на Бојан Христовски е политичка краста од која може да се има само штета, а никако корист. Самиот Христовски е веќе обележан со големи сомневања дека направил „криминал“ за да стане предавач на Факултетот за безбедност и директор на АНБ со бугарскиот сертификат за англиски јазик. Антикорупциската комисија ќе изгуби половина од својот легитимитет доколку во своето истражување заклучи дека сертификатот на Христовски е валиден по кривичните пријави и судски пресуди за најмалку две лица во исти такви случаи со исти сертификати од истата таа јазична школа, бидејќи биле докажани како фалсификати. Во јавноста беа претставени толку многу докази за сомнителноста на јазичната школа во Пловдив и дека таа не е регистрирана да издава сертификати за англиски јазик, па таа веќе во најголема мерка го има усвоено мислењето дека целата работа не само што е премногу матна, туку и дека ја преминува границата само на политичка одговорност. За антикорупционерите ова е клучниот испит. Ако направат погрешен чекор или недобро спроведена постапка, нивниот углед веројатно ќе се урниса.

МВР наводно врши истрага за сомнителниот сертификат на Христовски. Врши истрага и молчи. Тоа молчење изгледа како партиска пристрасност на полицијата, која треба да биде непартиска, и таа само ќе се калапи, а за министерот Панче Тошковски постојано ќе биде самар којшто ќе треба да го носи.

Странските партнери на македонските безбедносни служби веќе ги кренаа веѓите и нивната соработка со новиот шеф на контраразузнавачката заедница може да остане само на формално ниво, од што најголема штета ќе има Македонија. Можеби премиерот Мицкоски ќе биде задоволен што истрајал на својот избор, но последиците за безбедносниот сектор може да бидат поразителни. А за тоа веќе има и гласини.

По вчерашната елаборација на Апасиев за начинот на којшто се стекнал со дипломата Бојан Христовски на Факултетот за туризам и менаџмент и наводите, за коишто премиерот немаше добар одговор додека скролаше по телефонот, веќе ја поткопуваат министерката за образование Весна Јаневска, која веднаш би требала да испрати просветна инспекција за да провери дали некој правел криминали на овој унивезитет со испити, дипломи и други потврди. Доколку молчи таа ќе станува соучесник за нешто што треба да биде проверено. Затоа што она што еден пратеник го кажува на собраниската говорница не мора да е точно. Но ако тоа е поврзано со толку сензитивен случај, кој долго време ја окупира јавноста и излегува од рамките на политиката и влегува во сферата на безбедноста, молчењето на Јаневска политички ќе ја дисквалификува и самата неа.

Апасиев во прашањето тврдеше дека на Христовски му е издадено уверението по член што не постои во статутот на универзитетот, дека печатот бил во правен промет осум месеци по згаснувањето на правното лице приватна високообразовна установа и дека дипломата не соодветствува на карактеристиките како треба да изгледа диплома. Можеби за Јаневска овие аргументи не се доволни да го испрати Просветниот инспекторат на овој универзитет. А ако се доволни и ако ги испрати инспекторите таму можат да најдат и други чуда.

Како и да е, покрај Христијан Мицкоски, веќе е на листата на губитниците за цврстата одлука Бојан Христовски да биде шеф на АНБ, веќе се наредени Панче Тошковски, антикорупционерите, Весна Јаневска и Универзитетот за туризам и менаџмент. На таа листа сигурна ќе бидат додадени и некои други, додека Мицкоски не расчисти со суетата и не разбере дека и самиот тој во еден момент може да се најде на тој список.

Минативе неколку години кога се случуваа скандали меѓу тогашните власти се посочуваа примери од развиените западни демократии како функционери поднесуваат оставки дури и за помали политички и други прекршувања. И дека македонската демократија и политика треба да се угледува на таквото однесување. Еве еден таков многу свеж пример, од вчера. Од Велика Британија. На одреден начин дури е и спектакуларен за начинот на кој се преземаат одговорностите.

Луиз Хеј вчера поднесе оставка од функцијата британски министер за транспорт само 12 часа откако се дозна дека била осудена за измама поради исчезнат службен телефон. Хеј се откажа од кабинетот со писмо до премиерот Кир Стармер во кое се вели дека „без оглед на фактите на предметот, ова прашање неизбежно ќе го одвлекува вниманието од реализацијата на работата на оваа влада“.

Драматичното заминување на Хеј дојде откако се појави веста дека таа се изјаснила за виновна за измама со лажна изјава во 2014 година во истрагата на нејзиниот поранешен работодавец, компанијата „Авива“, за исчезнат службен телефон.

Во изјавата, Хеј рече дека додека работела за „Авива“ во нејзините 20-ти години, била ограбена кога била во ноќно излегување. Таа на полицијата ѝ дала список со предмети што ѝ недостасувале од нејзината чанта, вклучувајќи го и службениот телефон за кој мислела дека е украден. Хеј добила нов телефон, но кога подоцна го нашла својот стар службен телефон и го вклучила, полицијата ја повикала на сослушување.

Во своето писмо до премиерот објавено во петокот наутро, Хеј рече дека тоа што не ја известила „Авива“ веднаш дека го пронашла нејзиниот исчезнат службен телефон „било грешка“.

Осудата на Хеј е потрошена и затоа повеќе не е во нејзиното досие. Таа го откри инцидентот кога беше назначена во кабинетот во сенка на Стармер во 2020 година, иако никогаш јавно не зборуваше за тоа. Хеј, која беше најмладата личност назначена во кабинетот на Стармер, стана првиот министер што го напушти пет месеци по убедливата победа на лабуристите.

И сѐтоа за еден телефон. Службен.