Под сто нови случаи со Ковид-19, земјите од регионов ќе изработат протокол за отворање на границите

Фото: Б. Грданоски

Во земјава во претходното деноноќие се регистрирани 89 нови случаи со Ковид-19 од направени 1.529 тестирања. Починати се седум пациенти, а оздравени 215 лица. Во меѓувреме, на видеоконференција на тема Ковид-19 во земјите од Западен Балкан, Грција и Бугарија, државите од регионов се договорија да изработат протоколи за отворање на границите.

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 14.004,  бројката на оздравени пациенти е 10.722, на починати е 585, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.697.

На Инфективната клиника во претходното деноноќие примени се осум пациенти.  Вкупно се хоспитализирани 80 пациенти од кои на кислородна поддршка се 54, нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 18 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, седум позитивни деца, една мајка и едно дете суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се четири пациенти. Вкупно хоспитализирани се 37 пациенти од кои на респираторна машина се пет пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 15, а во болницата во Штип се хоспитализирани 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 107, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Фото: Б. Грданоски

Дистрибуцијата по градови е следна: Скопје 5.821, активни 847, Куманово 1.420, активни 371, Дебар 243, активни 78, Штип 1.119, активни 214, Прилеп 435, активни 92, Тетово 1.202, активни 179, Струга 553, активни 59, Велес 265, активни 26, Битола 199, активни 41, Охрид 331, активни 30, Кавадарци 173, активни 71, Гостивар 761, активни 269, Гевгелија 42, активни 21 (7 лица од ПЕ Гевгелија се жители на Дојран, 9 на Богданци), Струмица 59, активни 21, Крива Паланка 39, активни 11, Радовиш 41, активни 12, Крушево 16, активни 0, Кочани 138, активни 25, Пробиштип 78, активни 19, Демир Хисар 60, активни 17, Македонски Брод 70, активни 20, Пехчево 15, активни 9, Берово 50, активни 41, Валандово 8, активни 1, Виница 64, активни 36, Делчево 46, активни 40 (10 лица од ПЕ Делчево се од Македонска Каменица), Кратово 16, активни 1, Свети Николе 281, активни 58, Кичево 268, активни 75, Ресен 146, активни 0, Неготино 45, активни 13 (10 лица од ПЕ Неготино се жители на Демир Капија).

Активни случаи по општини Скопје вчера (по завршување на епидемиолошките анкети, може да има измена во дистрибуцијата по општини во Скопје) – во Чаир – 110, Гази Баба – 107, Аеродром – 101, Карпош – 86, Центар – 90, Кисела Вода – 96, Ѓорче Петров – 55, Бутел – 65, Шуто Оризари – 32, Студеничани – 19, Сарај – 28, Арачиново – 16, Илинден – 11, Сопиште – 6, Чучер Сандево – 6, Петровец – 9, Зелениково – 4, Странец – 5, Нераспределен – 1.

Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче вчера учествуваше на видео конференција со своите колеги од регионот на тема „Ковид-19 во земјите од Западен Балкан, Грција и Бугарија“.

На видео конференцијата која ја иницираше министерот Филипче, учесниците информираа за состојбата со коронавирусот во своите земји, предизвиците со почетокот на учебната година, подготовките на системот за есен и процесот за набавка на вакцината.

Филипче информираше дека во моментов, земајќи ги во предвид главните индикатори за евалуација на епидемијата, состојбата во нашата земја е стабилна.

Фото: Б. Грданоски

Во однос на границите и слободното движење на патници во земјите од регионот, Филипче посочи дека треба да се заземе координиран пристап помеѓу земјите како границите да бидат отворени и да им се олесни преминот на патниците, а притоа да се обезбеди контрола над ситуацијата со коронавирусот, на што се сложија и останатите учесници на конференцијата.

Врз основа на тоа, на видео состанокот е договорено да се изработи иницијален документ на заемен протокол за границите. На документот ќе работи работна група составена од членови од сите земји на Западен Балкан, Грција и Бугарија, а следната видео конференција на која ќе се дискутира за протоколот ќе се одржи најдоцна за две недели, стои во соопштението од Министерството за здравство.