Под слоганот „Летаме заедно“ почнува шестото издание на „Литера“


Под слоганот „Летаме заедно“, од денеска до 18 мај во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи шестото издание на Меѓународниот фестивал за илустрација и литература за деца „Литера“. Организаторите најавуваат дека Фестивалот ќе понуди многу настани, активности и креативни изрази во едукативна и забавна атмосфера.

Годинава фестивалот „Литера“ го става акцентот на Турција како земја во фокус, а публиката ќе има можност да ги истражи културата, литературата и уметничките дела од оваа богата земја.

-Двајца илустратори од оваа земја ќе бидат гости на фестивалот и ќе го споделат нивното богато меѓународно искуство со нашите илустратори и автори. Нивните дела ги освоија срцата на публиката ширум светот и се сметаат за меѓународно признати професионалци во својата област, соопштија од „Литера фестивал“.

Исто така, за прв пат, фестивалот ќе организира и Саем за литература за деца, што ќе им овозможи на посетителите да откријат нови наслови и автори во светот на литературата за деца.

-„Литера“ предвидува бројни активности и настани, вклучувајќи работилници, мастеркласови, литературни читања, книжевни и многу други забавни и едукативни активности за децата и возрасните. Овие настани не само што ги поттикнуваат децата да се вклучат во литературата и уметноста, туку и создаваат основа за понатамошни соработки и пријателства, потенцираат организаторите.