Под маски и во ракавици – почнува гласањето за нови пратеници


Денеска се очекува своето право на глас да го искористат 724 лица кои се во домашен карантин поради тоа што им е дијагностициран Ковид-19 или се во самоизолација

 

Заврши кампањата за десеттите парламентарни избори и денеска почнува гласањето за пратеници во идниот собраниски состав, кој би бил конституирaн кон почетокот на следниот месец.

По Србија и Хрватска, и Македонија се вброи меѓу државите во регионот каде што летово се одржуваа парламентарни  избори во вонредни околности поради пандемијата на корона вирусот. За разлика од Србија и Македонија, каде што изборите беа одложени, па презакажани поради сложената здравствена ситуација, во Хрватска изборите беа закажани порано, за да се избегне очекуваниот втор бран наесен.

Со оглед на специфичните здравствени услови, и во Србија и во Хрватска беше забележана релативно солидна излезност, но сепак воочливо помала во споредба со претходните изборни циклуси – во 2016 година, кога имаше избори и во земјава. Одѕивот од близу 53 отсто пред четири години во Хрватска сега падна на 47 проценти, додека во Србија  е забележан пад од 56 на околу  49 отсто за неполни четири години.

Во случај тој тренд да се преслика и на изборите во земјава, одѕивот, сепак, би бил  мошне висок, ако се има предвид дека на претходните парламентарни избори, во 2016 година,  беше забележана излезност од близу 74 проценти. И иако за парламентарни избори не е предвиден цензус за избор на пратеници, потенцијалниот висок одѕив би бил мошне значаен фактор за легитимноста на новоизбраните власти. Тоа е особено важно во ситуација кога една од првите позначајни обврски за идната влада ќе биде формалниот почеток на преговорите со ЕУ, со одржување на првата меѓувладина конференција, поради што е исто така многу важно изборите да бидат спроведени според сите демократски критериуми.

Поради епидемијата која е во полн ек, мошне значајно е  и гласањето да биде според сите безбедносни критериуми, поради што и изборите се спроведуваат според посебен здравствен протокол, а во процесот овојпат се вклучени и здравствени работници.

Денеска се очекува своето право на глас да го искористат 724 лица кои се во домашен карантин поради тоа што им е дијагностициран Ковид-19 или се во самоизолација. Нив ќе ги посетат посебни избирачки одбори од тројца здравствени работници и претставници на политичките партии. Тие при посетата на секој гласач ќе треба да се опремат со мантил, ракавици и маска, како и визири и средства за дезинфекција. Заштитната опрема се менува по завршување на гласањето на секој избирач.

Утре ќе гласаат 9.465 болни и немоќни лица, кои, исто так, се пријавиле во ДИК до среда на полноќ минатата недела. Одлучувачко, сепак, ќе биде гласањето в среда, на 15 јуни, кое, исто така, ќе се реализира во посебни услови, за што викендов се дезинфицираа сите избирачки места. Наместо од 7 до 19 часот, гласањето овој пат ќе трае до 21 часот за да се овозможи одржување на физичка дистанца.

Вкупниот број на гласачи на овие избори е 1.814.263, од кои 83.054 се заведени во посебен извод од избирачкиот список за лица кои се на привремена работа или престој во странство. Во посебниот извод од избирачкиот список за лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, се запишани 1.657 гласачи.

На овие избори учествуваат 15 политички субјекти, односно четири коалиции и 11 партии, со вкупно 1.578 кандидати за 120 пратенички места. Во трката за место во законодавниот дом, всушност, останаа 1.560 кандидати, откако не беа исполнети условите за гласање во дијаспората, за каде што беа пријавени 18 кандидати на шест листи.

Новиот собраниски состав треба да биде конституиран до 5 август, односно во рок од 20 дена по изборите. Со оглед на ситуацијата со Ковид-19 и посебните мерки за заштита што важеа и за време на кампањата, десеттиот состав на македонскиот парламент, исто така, ќе почне да заседава под посебни услови. Пленарните седници во прво време ќе се одржуваат во новата сала со куполи, која е попространа од пленарната сала, во која македонското Собрание секогаш заседава. Исто така, во прво време, гласањето ќе биде со кревање рака, затоа што електронскиот систем за гласање е прилагоден за пленарната сала.

По конституирањето на парламентот почнуваат да течат роковите да течат роковите од 10 плус 20 дена за определување на мандатар, а потоа и за составување на идната влада, согласно со распоредот на сили во новиот парламент, односно во зависност од тоа која политичка опција ќе обезбеди најмалку 61 мандат во законодавниот дом.

Изборите ќе бидат под мониторинг на 2.508 домашни и 98 меѓународни набљудувачи, од кои 11 се од ОБСЕ/ОДИХР, а 13 од Делегацијата на ЕУ во Скопје. (Н.В.)