Почнуваат пролетните средби на ММФ и Светска банка

Пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка ќе започне денеска во Вашингтон и ќе трае до 26 април.
Главните теми ќе бидат глобалните предизвици како што се забавувањето на економскиот раст, должничките кризи, климатските промени и трговските тензии.
Пролетниот состанок во Вашингтон ги собира гувернерите на централните банки, министрите за финансии и развој, членовите на парламентот, лидерите на приватниот сектор, претставниците на граѓанските организации и академиците за да разговараат за прашања од глобално значење.
Ќе се разговара за глобалната економска перспектива, искоренувањето на сиромаштијата, економскиот развој и ефективноста на помошта. На 22 април, во 9:00 часот по локално време, ММФ ќе го објави World Economic Outlook, публикација која дава сеопфатна анализа на глобалната економска ситуација.
Анализата ќе ја презентираат главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуриншас, заменик-управниот директор на ММФ, Петја Којева-Брукс и директорката на Одделот за истражување на ММФ, Дениз Еган.
Оваа публикација, која се користи како документација за состаноците на Меѓународниот монетарен и финансиски комитет, се објавува двапати годишно, обично во април и октомври.
ММФ го претстави новиот водич за реструктуирање на државниот долг, развиен во соработка со Светската банка, Г20 и други засегнати страни, за да им помогне на земјите со неодржлив долг да преземат проактивни мерки.
Поради растечките трговски тензии, особено воведувањето на американските царини, ММФ значително ќе ги намали прогнозите за глобален раст за 2025 година, иако не се очекува глобална рецесија. Светска банка и ММФ ќе ги разгледаат прашањата за финансирање на транзицијата кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод и адаптација на климатските промени, со иницијативи како што е партнерство со Африканската банка за развој за поврзување на 300 милиони луѓе на електрична енергија до 2030 година.
ММФ претходно предупреди дека зголемените геополитички тензии и фрагментацијата на трговските односи може да доведат до загуби од дури 7,4 трилиони долари за глобалната економија.
Се очекува и министерска расправа за буџетската поддршка на Украина, со оглед на нејзината зависност од надворешното финансирање и предизвиците за отплата на долгот. Некои од темите ќе вклучуваат вработување, структурни промени и родова еднаквост на пазарите на трудот.
Како што е најавено, на пролетните состаноци на ММФ и Светска банка во Вашингтон, извршната директорка на ММФ Кристалина Георгиева ќе претстави нов водич за реструктуирање на државниот долг, развиен во соработка со Светска банка, Г20 и други засегнати страни, за да им помогне на земјите со неодржлив долг да преземат проактивни мерки. Георгиева ќе зборува и за потребата од соработка меѓу САД и Кина во решавањето на трговските спорови.
Претседателот на Светска банка Ајај Банга очекувано ќе зборува за реформите во рамките на Светска банка и забрзување на процесот на одобрување заеми, зголемување на транспарентноста и привлекување приватен капитал за проекти. Банга, исто така, ќе открие нова платформа за гаранции за заеми и осигурување, со цел да се зголеми износот на гаранциите на 20 милијарди долари до 2030 година.
Во Вашингтон ќе се одржат состаноци на Заедничкиот комитет за развој и Меѓународниот монетарен и финансиски комитет, на кои ќе се разговара за напредокот во работата на овие институции. Се очекува да присуствуваат голем број високи политички и финансиски претставници од целиот свет. На состанокот ќе присуствуваат и делегати од земјите членки на ММФ и Светска банка, претставници на меѓународни организации, граѓанско општество, академска заедница и приватниот сектор, а се очекува да присуствува и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.