Почнуваат преговори со „Бехтел и Енка“ за четири автопатски делници, потпишан договор со „ИРД Инжинеринг“ за надзор

Почнува преговарачкиот процес со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници во должина од над 120 километри на коридорите 8 и 10-д


Почнува преговарачкиот процес со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници во должина од над 120 километри на коридорите 8 и 10-д, а во текот на годинава се очекува да стартуваат и градежни активности.

Управувачкиот комитет составен од претставници од институциите утре ќе одржи состанок по што ќе стартуваат преговорите на работната група во соработка со избраниот консултант ИРД Инжинеринг и надзор за проектот со кој денеска беше потпишан договор во Владата, откако компанијата ја достави банкарската гаранција за понудата од 1.374.304.070 денари.

– Ќе ги вложиме сите потребни напори за изградбата на четирите делници со највисок стандард и квалитет, кои што одговараат на квалитетот на патиштата што се градат во ЕУ. Немам сомнеж дека го имамме потребното знаење и експертиза за да го завршиме проектот навреме и со висок квалитет, рече Паоло Орсини, директор на ИРД Инжинеринг по потпишувањето на Договорот со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

„Очекуваме оваа година да започнаме градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8 и Коридорот 10-д, рече министерот за транспорот и врски Благој Бочварски, по потпишувањето на договорот со италијанската ИРД инжинерин.

Со овој проект се планира изградба на автопатските делници: Требеништа – Струга – Ќафасан од 22,5 километри, Гостивар – Букојчани од 30,1 километар, Тетово – Гостивар 27 километри, и делницата од Коридорот -10 д Прилеп – Битола 43,4 километри. За таа намена во буџетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени 15 милијарди денари или 244 милиони евра.

На потпишувањето на договорот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кои истакнаа дека ова е најголем капитален инфраструктурен проект во историјата на државата.

-Договорот ќе ни обезбеди модерно и брзо поврзување со регионот но и модернизиирање на инфраструктурата дома, рече Ковачевски.

Владата минатата година потпиша меморандум со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и негово номинирање за стратешки партнер за овој проект.