Почнуваат карневалските празнувања во Струмица


Фото: Б. Грданоски

Со симболично предавање на клучот од градот од страна на градоначалникот на карневалистите вечерва во Струмица почнуваат осумдневните карневалски празнувања, кои ќе траат до 9 овој месец.

По предавањето на клучот ќе се одржи промоција на монографијата „Струмичко чудо“ и ќе се доделат благодарници на карневалски групи, спонзори и институции кои дале придонес за Струмичкиот карневал по повод 30 години од обновувањето на вековната традиција.

Главниот настан на Струмичкиот карневал ќе се одржи в сабота, кога ќе продефилираат домашните карневалски групи, а ќе учествуваат и групи од Лесковац, Србија и од Кукуш и Солун од Грција.

Струмичкиот карневал повторно се организира во целосно издание по пауза од две години заради пандемијата од Ковид-19. Организаторите велат дека сите настани ќе се одвиваат според ковид протоколите и упатија апел до сите учесници и посетитили да се придржуваат до нив.