Почнува заштитата од град со авионско засејување на облаците

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) го потпиша Договорот за јавниот оглас „Услуги за модификација на време со авионско засејување“ со што почнува и реализацијата на заштитата од град со авионско засејување на облаците. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и  директорот на УХМР, Ивица Тодоровски денеска на спортскиот аеродром Стенковец присуствуваа на првиот пробен лет на авионите кои ќе вршат засејување на облаците.

Средствата за проектот вреден околу 60 милиони денари, се обезбедени преку Програмата за рурален развој.

-Со овој модерен систем на заштита од град ќе придонесеме да не се повторуваат штетите на земјоделското производство предизвикани од временски непогоди и ќе го заштитиме трудот на земјоделците. Овој начин на заштита е еден од најсовремените, неколкукратно поекономичен од старите ракетни системи, најмногу поради фактот што преку авионското засејување, растворот кој делува превентивно на формирање град се нанесува директно на критичната облачна маса, изјави министерот Димковски.

Директорот Тодоровски посочи дека оваа метода вклучува засејување на градонoсните облаци со реагенси, односно со сребрен јодид.

-Откако редарските центри на УХМР ќе ја детектираат нестабилната воздушна маса во која се создава градот, јавуваат до економскиот оператор и тој треба во најбрзо време и на најквалитетен начин да изврши засејување на воздушните маси со сребрен јодид, објасни Тодоровски.

Засејувањето на облакoт базира на концептот на „корисна конкуренција“ што значи дека зрната град што се формираат во рамки на засејаниот облачен волумен ќе бидат со помали димензии.

Авионското засејување на облаците за заштита од град ќе се спроведува на цела територија на државата. Овој модерен систем, како што наведува Министерството за земјоделство, освен заштита на земјоделското производство од временски непогоди, ќе придонесе и за намалување на сумата што изминатите години се издвојува за исплата на обесштетувања.