Почнува XI Недела на италијанската кујна во светот, во фокусот гастрономското наследство и регионалните традиции
Со мастер-клас за современа ломбардиска кујна во Скопје ќе почне XI Недела на италијанската кујна во светот, манифестација што до 26 ноември ќе понуди повеќе гастрономски и едукативни настани посветени на италијанското кулинарско наследство, регионалните традиции и автентичните производи.
Годинашното издание се одржува под мотото „Италијанската кујна како нематеријално културно наследство на УНЕСКО: територии и врвни производствени процеси“, со акцент на регионалната разновидност на италијанската кујна и нејзината поврзаност со локалните традиции и културниот идентите.
Во рамки на манифестацијата која е во организација на Амбасадата на Италија и Агенцијата ИТА во Скопје во земјава ќе бидат организирани гастрономски презентации, работилници и мастер-класови со цел промоција на италијанските кулинарски традиции, современите техники и автентичните производи.
Програмата ќе започне денеска со мастер-клас за современа ломбардиска кујна во F&J Culinary School, наменет за професионални готвачи, под водство на шеф Фарук Незири.
На 17 ноември е предвидена работилница за учениците и професорите од СУГС „Лазар Танев“.
Организаторите посочуваат дека Неделата на италијанската кујна има цел да ја истакне гастрономијата како важен мост за културно поврзување и продлабочување на соработката меѓу Италија и Македонија преку заедничките вредности поврзани со храната, традицијата и гостопримството.