Почнува втората исплата од МојДДВ – на сметките на граѓаните ќе „легнат“ 3,87 милиони евра


Почнува втората исплата на дел од Данокот на додадена вредност за граѓаните, соопшти на прес конференција Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Исплатата се однесува на скенираните фискални сметки преку апликацијата МојДДВ за месеците октомври, ноември и декември 2019 година. Како што рече Лукаревска, на 197.819 граѓани корисници на апликацијата ќе им бидат исплатени вкупно 238.075.865 денари (околу 3,87 милиони евра). Ова е значително повеќе во однос на периодот јули-септемви минатата година, кога преку апликацијата МојДДВ сметките ги скенирале 147.251 граѓани, на чии трансакциски сметки им биле префрлени 157.780.662 денари (околу 2,56 милиони евра).

„По воведувањето на мерката, апликацијата МојДДВ ја користат 256.442 корисници. Во изминатиот период скенирани се повеќе од 66 милиони фискални сметки“, рече директорката на УЈП.

Лукаревска објасни дека исплатата од првото тромесечје е сеуште во тек за оние граѓани кои извршиле корекции на трансакциските сметки. Таа апелираше граѓаните да ги проверат трансакциските сметки коишто ги внеле во апликацијата МојДДВ и доколку има грешка да ја корегираат по што ќе следува исплата од страна на УЈП. Директорката на УЈП ги посочи и конкретните придобивки од мерката, покрај враќање пари назад кај граѓаните се забележува и намалување на сивата економија.

Мерката МојДДВ се применува од 1 јули 2019 година. До 31 јануари годинава апликацијата за скенирање фискални сметки ја имаат преземено 236.442 граѓани. Во истиот период скенирани се 66.885.228.000 фискални сметки, со вкупен промет од 32.456.740.434 денари, со вкупен ДДВ од 3.512.292.634 денари. Повратод од 15 отсто е во износ од 526.843.896 денари, односно 8,567 милиони евра.

„По воведувањето на МојДДВ наплатата на ДДВ споредена со месеците јули-декември 2019 со периодот јули декември 2018 година покажува зголемување за 11,2 отсто. Зголемено е и пријавувањето на нерегуларности поврзани со фискални сметки каде што на линијата 198 – од почетокот на оваа мерка до денес има вкупно 1687 во однос на периодот јули – јануари минатата година каде што имаше вкупно 741 пријави за неправилности“, рече Лукаревска.

Таа додаде дека во периодот јули-декември 2018 споредено со истиот период минатата година најчести неправилности утврдени со контролите се неиздавање на фискални сметки, односно користење на компјутерски сметки/маркери како замена за фискална сметка, непоседување на резервен фискален систем на опрема како и непоседување и неевидентирање на податоци во Книга за дневен финансиски извештај и итна сметководствена книга. (Н.В.)