Почнува Светското првенство во крапски риболов – „Маврово 2026“
Во Маврово денеска почнува Светското првенство во крапски риболов – „Маврово 2026“ на кое, како што е најавено, ќе учествуваат репрезентации од 33 земји.
Првенството ќе биде отворено попладнево, на спортското игралиште на „Спорт хотел“. На свеченоста ќе присуствуваат претставници на државните институции, локалната самоуправа, НП Маврово, FIPSed, Македонската риболовна федерација, националните репрезентации, спортски работници и гости од земјата и странство.

Според Македонската риболовна федерација, ова е историски момент за македонскиот спортски риболов.
-Светското првенство во крапски риболов прв пат се одржува во Македонија, а учеството на репрезентациите од целиот свет го прави овој настан еден од најголемите меѓународни спортски настани од овој тип организирани во земјава, велат од Македонската риболовна федерација.