Почнува судската разрешница за насилствата во Собранието од 27 април


Во Кривичниот суд во Скопје денес почнува судскиот процес за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, во кој на обвинителната клупа ќе седнат поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, екс – министрите за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, за образование, Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Обвинетите утрово пристигнаа во зградата на судот. Тие се обвинети дека ги организирале насилствата, односно се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”. Во истрагата беа опфатени и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена бидејќи не се достапни на органите на прогонот.

Обвинението ги товари осомничените дека на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта, како и дека ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.

Во обвинението, меѓу другото, се наведува дека осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите. Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови.

Во исто време, како што се тврди во обвинението, еден од осомничените со возило, кое било во сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, се вели во обвинението од ОЈО.

Исто така, во обвинението се вели дека еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг-собата во Собранието да ги извадат хард-дисковите од собраниските камери.

Обвинението на крвавите настани од 27 април, беше понесено уште на крајот на мај минатата година, но поради изземање на осум од девет судии во Одделението за организиран криминал, оценката на обвинителниот акт постојано се одложуваше.