Почнува скрининг на учениците за Ковид-19 во девет средни училишта во Скопје


Од денеска почнува скрининг на ученици за Ковид-19 во девет средни училишта во Скопје. Во текот на денешниот ден ќе се тестираат 258 средношколци, а низ државата продолжува во Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа, соопшти Министерството за здравство.

Тестирањето на учениците, како што се посочува, ќе се спроведува во просторија одредена од страна на училиштето, а тестирањето ќе трае помалку од една минута. Истото е безболно и безбедно, со земање на брис од грло и од носна шуплина.

Целта на скринингот е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на Ковид-19 меѓу учениците.

– Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата, во интерес на децата, информираат од Министерството за здравство.

Инаку, како шо соопштија од Министерството за здравство, досега во земјава се ревакцинирани 45 отсто од полнолетните граѓани. Вакцинираните со „Синовак“ и „Синофарм“ трета доза може да примаат три месеци по ревакцина, одлучи вчера Националниот Комитет за имунизација. Од 8 до 14 октомври од КОВИД-19 починале 105 лица, од кои 79 не биле вакцинирани.

Досега во земјата се направени вкупно 1.347.969 тестирања на КОВИД-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 197.669, бројката на оздравени пациенти е 183.972, на починати е 6.978, а бројот на активни случаи изнесува 6.719.

Половина од активните случаи се во Скопје – 3407, потоа следи Куманово со 538, Велес – 310, Прилеп – 227, Охрид – 216. Во другите градови таа бројка е под 200, а во Пехчево и Демир Капија има по еден заразен случај.

Во текот на завчерашниот ден биле аплицирани вкупно 3.475 дози вакцини, од кои 917 како прва доза, 2.509 се ревакцини, а 49 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 18 октомври вкупно се вакцинирани 799.762 граѓани, ревакцинирани се 763.031, а трета доза примиле 1.197 граѓани.

Како што информираат од Министерството за здравство, 54 отсто од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 проценти, а со две дози опфатени се 45 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.

 

Националниот Комитет за имунизација вчера донесе одлука со која препорачува, граѓаните кои се вакцинирани и ревакцинирани со вакцините на производителите „Синовак“ и „Синофарм“, трета доза вакцина може да примаат после изминати три месеци од ревакцинација, соопшти Министерството за здравство.

Вакцинацијата со трета доза е со вакцина на производителот „Фајзер“, а вакцинацијата е без закажан термин на кој било вакцинален пункт во државата. За граѓаните кои примиле друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да примаат после поминати 6 месеци од ревакцинација.