Почнува Самрленд во Градскиот парк со музика, кино и забавни игри


Градот Скопје ова лето, во текот на топлите јулски денови и вечери, нуди интересни забавни содржини  и активности за сите возрасти во Градскиот парк.
-По доброто искуство што Скопје го имаше со Винтерлендот, еве не денеска да го најавиме вечерашното отворање на Самрленд на Школка во Градскиот парк – рече Шилегов.
Почнувајќи од денеска, па се до 28-ми јули секојдневно ќе се организираат дружења во Градски парк, обезбедена е богата  програма со добра музика на Школка,  Chill & Fun Зона каде што граѓаните ќе можат да се забавуваат со board игри, флипери, фудбалче, табла и Playstation.
-За најмалите имаме детско катче со забавни активности кои ќе бидат вистинско уживање и за децата и за родителите. Секако, неизоставен дел ќе бидат и хуманитарните и едукативни настани, изложби, цртање во живо, часови по танц, спортски активности, кино на отворено и многу други забавни содржини кои ќе го направат ова лето во Скопје незаборавно- истакна Шилегов.
Скопје ова лето ќе понуди нешто што никогаш досега не било организирано во овој период од годината. Освен за жителите на Скопје се очекува дека овие содржини ќе бидат атрактивни и за туристите и другите посетители коишто, природно, во летниот период се помногубројни.
-Ги повикувам сите љубители на добра забава без разлика на возраста да ни се придружат овој јули во Градскиот парк и заедно да се дружиме и да се разладуваме во најубавиот дел од нашето Скопје. Нека летниот период во Скопје биде забавен за сите! – порача Шилегов на крајот од своето обраќање пред Школка во Градскиот парк.