Почнува реконструкцијата на Универзална сала, Шилегов и Заев со детали


Фото: Б. Грданоски

Почнува реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје, а денеска во 11 часот премиерот Зоран Заев заедно со градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и Бујар Муча од архитектонското биро „Мегарон”, ќе дадат изјави за медиумите пред Универзалната сала – Скопје.

Тема на прес-конференцијата ќе биде реконструкција на Универзалната сала за чија цел Град Скопје го прифати проектот со кој ќе биде задржан досегашниот автентичен изглед.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во ноември лани изјави дека очекува следната концертна сезона Универзалната сала да биде готова за одржување на концерти.

Шилегов истакна дека во текот на 2021 година Универзална сала, во еден нов сјај ќе им се врати на скопјани и ќе продолжи да биде култно место, каде што е целокупната историја на современа Македонија.

– Со обезбедените буџетни средства конечно се создадени услови за отпочнување на целосна реконструкција на овој објект во постоениот облик и габарит, одржувајќи го својот автетичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје. На овој чекор се одлучивме после широката подршка која што јавноста ја даде за идејата да се сочува Универзалната Сала во постојната форма, на постојната локација, што пак не значи дека сме се откажале од идејата и за нова концертна сала со придружни други конгресни капацитети на друга соодветна локација, изјави Шилегов.

Претходно, градоначалникот на Скопје, Шилегов, имаше идеја Универзална сала да се гради на друга локација, односно се протежираше просторот кај спортската сала „Борис Трајковски“, но под притисок на јавноста, за што беа организирани и протести, сепак остана идејата да се обнови постоечкиот објект. 

Владата одобри 120.000.000 денари неповратна финансиска помош од Буџетот на државата, средства кои Град Скопје треба да ги искористи за реконструкција на Универзалната сала.