Почнува постапка за одземање на мандатот на Груевски

Претседателот на Собранието, Талат Џафери пратил допис до Комисијата за мандатно-имунитетни прашања  во кое ја известил комисијата дека пратеникот Никола Груевски неоправдано бил отсутен од седниците на Парламентот повеќе од шест месеци, потврдија од собраниската прес-служба.

Од Собранието известуваат дека почнува постапка за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека Никола Груевски не е неоправдано отсутен, туку политички прогонет.

За да му се одземе мандатот на Груевски е потребно двотретинско мнозинство.

Според член 59 од собранискиот Деловик, за пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Предлог за одземање на мандатот на пратеник во овој случај, поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието, а по нејзиниот предлог за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница.

Како што се наведува во членот 59, претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот.

Пратеникот и поранешен премиер Никола Груевски за кој има правосилна пресуда од двегодишна затворска казана за случајот „Тенк“ на СЈО, а е осомничен и за организирање на собраниските настани од 27 април, избега во Унгарија каде доби статус на политички азилант.

 

loading...