Почнува пленарната расправа за ребалансот на буџетот


Фото: Б. Грданоски

Се очекува деновиве пратениците да го донесат ребалансот на буџетот за оваа година, кој е ставен на дневен ред на пленарната седница што почнува денеска.

Владата на последната седница го усвои дополнетиот текст на ребалансот на буџетот, заедно со амандманите што беа прифатени во текот на десетдневната расправа во Комисијата за финансирање и буџет. Како што соопштија од Владата, со прифатените измени се обезбедуваат средства за непречено функционирање на Агенција за национална безбедност во износ од 99 милиони денари, обезбедување дополнителни средства во износ од 560 милиони денари како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста африканска чума кај свињите, средства за колекторски систем за заштита на Охридското Езеро, како поддршка на напорите на централната и локалната власт за исполнување на препораките од УНЕСКО.

Измените во буџетот за 2019 година обезбедуваат и дополнителни 244 милиони денари за правосудниот систем, односно судството и обвинителството, со цел јакнење на финансиската состојба и решавање на прашањето поврзано со исплатата на надоместоците на вработените. Предвидени се и средства за поврат на дел од ДДВ во износ од 300 милиони денари. Се обезбедува и мерката субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата во износ од 400 милиони денари. Предвиден е и поголем трансфер од буџетот на Фондот за пензиско и здравствено осигурување од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб.