Почнува олабавувањето на рестриктивните мерки, состојбата со коронавирусот во земјава стабилна


Засега нема стриктна препорака до Владата за скратување на полицискиот час, но не е исклучена можноста во периодот што следува да се разговара и за ова со оглед на тоа што се препорачува постепено олабавување на мерките и ќе почнат повеќе компании да се враќаат на работа, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција во Владата.

– Полицискиот час беше еден од факторите за да ја намалиме трансмисијата на вирусот заради тоа што кога има асполутно мирување, кога има полициски час, најдобро се спроведува контролата. Значи во овој момент не размислувавме за скратување на полицискиот час, но може да се наметне потребата во периодот којшто доаѓа посебно заради тоа што економските оператори постепено ќе се враќаат во функција. Ја пратиме состојбата и соодветно ќе предложиме до Владата, но засега не се размислува, рече Филипче.

Оваа недела да се отворат и да се вратат во функција центрите за едукација, обука, семинари на возрасни, организација на седници, органи за управување и конференции, авто школи, испитни центри, спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови, тенис, спортски и други обложувалници преку шалтер без угостителска дејност, и затворени трговски центри односно молови без угостителска дејност, како и центрите за рехабилитација на слух, говор и глас кои целосно ги подготвија капацитетите.

Ова го предвидува предлог – планот што Комисијата за заразни преку Министерството за здравство ќе го достави до Владата за олабавување на рестирктивните мерки, кој денеска на прес-конференција го соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека имале состанок со Комисијата за заразни болести и врз основа на анализата таа го донела предлог – планот за намалување на рестриктивните мерки, што ќе се одвива во неколку фази.

– Намалувањето на мерките е врз основа на повеќе критериуми кои во предвид ги зема и СЗО. Три од нив се клучни – прво дали епидемијата е ставена под контрола, дали здравствениот систем е во состојба да се справи и да ги изменаџира и бројот на пациенти сега, но и дали може да се справи со повторно појавување голем број случаи и дали системот за надзор на јавното здрвство може да ги открие и да управува со случаите и нивните контакти и да индентификува евентуално појава на нови случаи. Сите овие критериумис е исполнети. Состојбата во земјата е оцената како стабилна, рече Филипче.

После следењето на епидемиолошката состојба откако ќе се вратат во функција сите овие економски оператори, потенцира министерот, следната недела во предвид е да се препорача и отворање на угостителските објекти со послужување, спортските тренинзи на отворено за колективни спортови, и повторно после епидемиолошката анализа и следење на состојбата следната недела после таа, игрите на среќа во казина, автомат клубови, тренинзи во затворени спортски објети и базени, работа на теретани фитнис клбови и хотелски објекти.