Почнува Моден викенд-Скопје

Изложбен салон со ексклузивни парчиња од дваесет и осум претставници на седумнаесет различни земји, гостување со изложба на наградувана платформа за концептуален дизајн, како и ревиски претставувања на колекциите од млади и етаблирани имиња во земјата и регионот, сочинуваат само дел од богатата програма што посетителите на најголемиот моден настан во метрополата ќе ја проследат од вечерва до недела во зградата на Европски универзитет (ЕУРМ).

Со свеченото отворање на изложбениот салон „Обединета мода СЕЕ“ (United Fashion SEE) во 18 часот, вечерва и официјално ќе започне 19. Моден викенд Скопје. Домашната публика, но и многубројните најавени гости и медиуми од странство, премиерно ќе имаат можност да ги погледнат најновите креации на 28 возбудливи и внимателно избрани дизајнери и брендови од Европа.

Покрај од земјата домаќин, своите колекции за сезоната есен-зима 2019/2020, заеднички пред потенцијалните купувачи ќе ги изложат претставници на Белгија, Германија, Португалија, Франција, Романија, Латвија, Естонија, Грција, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Косово, а потоа ќе ги презентираат и со моден перформанс во зградата на Европски универзитет.

Новина на пролетното издание е гостувањето на „ИВАН АСЕН 22“, платформата за концептуален дизајн од Софија. По презентациите во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, следна „станица“ им е Модниот викенд во Скопје.

Со ревии ќе се претстават студентите на Факултетот за арт и дизајн, при Европскиот универзитет, приредувајќи тематско модно шоу со наслов „Ив Сен Лоран и јас“, Јилка Брада од Косово, Маја Кикириткова, Евгенија Зафировска, Софија Урумовиќ, Марија Кулушиќ, Марко Фехер, Милан Зејак, Сара Реџиќ, како и брендот „Arthropoda“. Второто студентско шоу е резервирано за последниот ден, овој пат од Технолошко-металуршкиот факултет.

Моден викенд Скопје е во организација на Света Богова-Јовановска. (Л.С.)