Почнува јубилејниот 25. Сараевски Филмски Фестивал


БиХ– Во Сараево денеска ќе биде отворен јубилејниот 25. Сараево Филм Фестивал на кој во седум дена ќе бидат прикажани 270 филмови во 18 селекции од 56 земји. Од 270 филмови колку што ќе бидат прикажани, 68 ќе имаат светска а 12 филмови меѓународна премиера.

За наградата „Срце на Сараево“ оваа година ќе се натпреваруваат 53 филма во четири категории, игран, документарен, краток и студентски филм. Најголемо внимание предизвикува секако категоријата игран филм кој ќе се бори во рамките на игран филм со девет други филмови од Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Турција, Романија и Албанија.

Мексиканскиот режисер, продуцент и сценарист Алехандро Инариту, познат по проникливите, универзални приказни за човековата состојба, е добитник на почесното „Срце на Сараево“, награда за исклучителен придонес на филмската уметност.

Инариту во Сараево ќе одржи и мастерклас, а ќе има и специјална проекција на неговиот филм „Брдмен“, за кој доби „оскар“ за режија.

Директорот на СФФ, Мирсад Пуриватра, изрази задоволство од можноста да му оддаде признание на овој истакнат филмски автор, кој секогаш одново ги поместува границите и својата единствена визија ја преточува во непредвидливи и генијални филмски приказни.

– Неговите филмови, кои се одликуваат со посебен стил и ритам, ги освојуваат и возбудуваат и публиката и критичарите низ светот. Се радуваме што ќе имаме шанса да бидеме домаќини на овој режисер и да му ја врачиме наградата за неговиот неизмерен придонес во историјата на филмската уметност со безвремените и наградувани класици што ги прави од почетокот на својата кариера – рече директорот на Сараевскиот филмски фестивал.

Инаку, годинава тој беше претседател на жирито на Канскиот филмски фестивал.

Филмскиот фестивал во Сараево формиран во 1995 година од група ентузијасти, денес прерасна во најголем фестивал на филмот од Виена до Истанбул.