Почнува исплатата на минималната плата од 18.000 денари
Од овој месец почнува исплатата на зголемената минимална плата од 18.000 денари. Се очекува околу 80.000 работници во државава да земат повисока плата за околу 2.800 денари.
Зголемувањето на минималната плата беше договорено на 7 февруари на седница на Економско-социјалниот совет по неколкудневни преговори. Зголемувањето на минималецот е потпомогнато од страна на државата која ќе одвои 16 милиони евра од Буџетот за да ја покрие разликата во придонесите до крајот на годината.
Сменета е и методологијата за пресметување на минималната плата и отсега таа не ќе може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата. Минималната плата ќе се формира и како 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од трошоците за живот.
Владата очекува дека зголемувањето на минималната плата позитивно ќе влијае и врз растот на останатите плати. Оттаму денеска посочија дека процентуално во периодот 2012-2016 година минималната плата е зголемена за 25,2 проценти, а за периодот 2016-2022 година 78,6 проценти.
Дел од синдикатите бараат усогласување на останатите плати со минималната плата поради што во средата се одржа предупредувачки протест организиран од Конфедерацијата на слободни синдикати, а Синдикатот за образование, наука и култура најави генерален штрајк од 11 април.