Почнува исплатата на 30 милиони евра субвенции за над 19 илјади тутунопроизводители


На сметките на над 19 илјади тутунопроизводители денес се префрлени околу 30 милиони евра субвенции за реколтата од 2019 година, соопштија денес на прес конференција министерите за земјоделство Трајан Димковски, за финансии Нина Ангеловска и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никочле Бабовски.

Тутунарите кои имааат платежни картички парите ќе можат да ги подигнат од банкоматите веќе во понеделник, од 16 до 23 часот. Иако во сила се мерките за ограничување на движењето, на тутунарите ќе им биде овозможено да појдат до банкоматите на нивните банки и да ги подигнат парите. МВР има список на сите оние кои ги имаат добиено парите и имаат картички, беше соопштено на прес конференцијата.

На тутунопроизводителите кои немаат картички, парите ќе им бидат исплаќани во готово на шалтерите на банките од вторник до петок според почетните букви на нивните презимиња. Ова е направено за да не се создаваат турканици пред шалтерите.

Така во вторник, парите од шалтер ќе можат да ги подигнат тутунарите чии презимиња почнуваат на буквите А, Б, В, Г и Д.

Во среда, оние на кои презимињата им почнуваат на буквите Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј и К.

Во четврток парите од шалтер ќе можат да ги подигнат тутунарите чии презимиња почнуваат на буквите: Л, Љ, М, Н, Њ, О, П и Р.

Последната група е во петок на 24 април и тогаш парите од шалтер во банките ќе може да ги подигнат тутунарите чии презимиња понуваат на буквите: С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ч, Ц, Џ и Ш.

Инаку, за предадениот тутун од минатогодишната реколта субвенциите изнесуваат по 80 денари за килограм тутун, за втора 70 денари и за трета и за дополнителните класи по 60 денари за килограм.

Тројцата учесници на прес конференцијата апелираа до тутунопроизводителите да не брзаат да ги подигнуваат парите доколку не им се неопходни во моментов и на тој начин да придонесат да се заштити нивното, но и здравјето на другите.

„Парите се ваши и никој не може да ви ги земе“, порачаа Димковски, Ангеловска и Бабовски.

Тие додадоа дека експозитурите на банките во градовите во кои ќе се исплаќаат субвенциите, НЛБ банка и Стопанска банка, ќе работат со продолжено работно време од 08 до 17 часот, а земјоделците ќе можат да се движат до 18 часот.

Оние тутунари кои нема да ги подигнат парите во посочените термини, тоа ќе можат да го направат кога ќе посакаат и ќе имаат потреба, на банкоматите или на шалтерите во банките, па оттаму и повторениот апел до нив, доколку не им се неопходни во моментот, парите да ги подигнуваат во наредниот период.

Околу 50 проценти од тутунопроизводителите имаат платежни картички, а дел од нив користат и електронско банкарство, беше речено на прес конференцијата. (M.J.)