Почнува Фестивалот „Mакедокс“ со 70 документарци од светот и десет од државава

Со изложбата „Временска машина Македокс“ и прикажување на филмовите „Мизерикоридија“ на шпанскиот режисер Хавиер Марадес и „И се стана песна“ на британскиот режисер Шејмус Марфи, вечер во Куршумли-ан ќе биде отворено 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

По прикажувањето на филмовите концерт ќе одржат Џон Периш и Марта Колика со Џорџа Поли како специјална гостинка. На Фестивалот, кој ќе трае до 28 август, ќе бидат прикажани 70 документарни остварувања на автори од целиот свет, а се очекува да присуствуваат стотина гости.

Фестивалот ќе се одржува и во Младинскиот културен центар, а проекции на филмови ќе има и во кината „Милениум“ и „Фросина“ во Скопје.

Во рамки на програмата ќе бидат прикажани десет македонски документарни филмови меѓу кои „Тетовски самрак“, последниот филм на прерано починатата режисерка Билјана Гарванлиева, документарецот „Манаки-приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски, два кратки кратки документарни филмови „Господата од Современа“ на режисерката Ана Алексовска и студентски документарен филм „Спасение“ во режија на Никола Ивановски, потоа четири нови докуметарци од школата „Докуникулци“, „По патот на клавето“ во режија на Лидија Мојсовска, а круна на програмата на затворањето на Фестивалот ќе биде премиерната проекција за публика на документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска.

Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета Македокс“, а за фестивалските награди „Кромид“, „Млад кормид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за етички идеи ќе одлучуваат пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори. Земја во фокус на годинешното издание ќе биде Германија, што се совпаѓа со 30-годишнината од уривањето на Берлинскиот ѕид. Во рамки на програмата ќе бидат прикажани осум документарци (седум долгометражни и еден краткометражен) создадени во последните 20 години, со акцент на источногерманските филмови кои ја третираат темата на Берлинскиот ѕид.

На Фестивалот ќе има и Детска програма во рамки на која во МКЦ од 18 до 19 часот ќе бидат прикажани 11 кратки анимирани филмови и еден анимиран документарен филм. Ќе биде организиран Форум за копродукција, што ќе се одржи од 25 до 27 август и работилница „Идеи преку граници“ со Јана Цисар од 22 до 24 август во Даут Пашин Амам.

Мастер-клас насловен „Не следете ги моите правила“. Направете си свои“ на 24 август во Даут Пашин Амам ќе одржи еден од најзначајните европски и светски документаристи Виктор Косаковски. Ќе бидат отворени две фотоизложби во Чифте амам и во Куршумли-ан. Како дел од музичката програма на 26 август концерт ќе одржи Тони Китановски Трио.

Македонскиот филм „Медена земја“ ќе го затвори Фестивалот „Македокс“ со две проекции на 28 август, првата во Куршумли-ан, по што ќе следува концерт на групата „Фолтин“.

Билетите за Фестивалот може да се набават онлајн на „Купи карти за се“ и на влезот на Куршумли-ан. Фестивалскиот билет кој ги опфаќа сите филмски проекции и настани чини 1.600 денари.