Почнува четвртото издание на Macedonian Manufacturing Expo 2020


Од денеска почнува четвртото издание на „Macedonian Manufacturing Expo 2020 – The Virtual Edition“, бизнис настан посветен на лесната преработувачка индустрија.

Целта е на едно местo да се поврзат македонските компании кои се занимаваат со преработка на метал, гума, пластика и електро-електронската индустрија со купувачи од Европската унија и со странските директни инвеститори во земјава.

Годинава, поради пандемијата, настанот ќе биде пренесуван преку платформата www.eventora.eu/mme2020.  Планирани се повеќе од 200 видео бизнис средби меѓу 50 компании од земјата, регионот и Европската Унија. Учесниците на настанот ќе може да ги видат производите и излагачите презентирани на виртуелниот саем, како и да учествуваат на панел дискусиите и презентациите од неколку домашни и меѓународни институции.

– Оваа година заради виртуелниот карактер на настанот ги покануваме сите заинтересирани компании, организации, институции, како и индивидуални посетители кои сакаат да добијат нови знаења, контакти и можност за вмрежување со компании од повеќе од 10 земји во регионот и Европа. Секој заинтересиран може бесплатно да се регистрира како посетител и да го проследи содржините на Macedonian Manufacturing Expo 2020”, посочуваат од Асоцијацијата на метална и електро индустрија (МАМЕИ) кои се организатори на настанот.

Настанот е организиран во соработка со Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и Амбасадата на Кралството Холандија.

Настанот почна во 2016 година како еднодневен, но доби регионален и саемски карактер, вклучувајќи компании од Балканот.