Почнува 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“


 Со свеченост на платото пред Домот на културата „Марко Цепенков“, со врачување на наградите за животно дело и со првата претстава во официјалната конкуренција, вечер во Прилеп ќе биде отворен 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Под мотото „Враќање дома“ најреномираниот и најстар национален фестивал на театарската уметност до 16 јуни ќе понуди богата програма.

На отворањето, од 20.30 часот е најавено да се обратат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, и уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска.

На актерите Петар Мирчевски и Петар Темелковски ќе им бидат врачени наградите за животно дело, а од 21.30 часот во големата сала од Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе биде прикажана првата од 10-те претстави во официјалната конкуренција – „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски, во продукција на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес.

Во рамките на Фестивалот, од 19 часот, во градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена ретка и роднокрајна збирка во чест на авторот во фокусот, Коле Чашуле.

Во официјалната програма се 10 претстави на македонските професионални театри, пет се во независната продукција.

Програмата на Фестивалот ќе почнува секој ден во 10 часот со „Чернодрински за деца“. Напладне ќе се организираат разговори на тркалезна маса, на кои ќе се дискутира за претставите што ќе бидат на програмата од претходниот ден. Ќе има промоции на книги, меѓународна конференција, а ќе биде отворена и изложбата на костими и фотографии од претстави на кои работел костимографот Благој Мицевски во изминатите речиси 20 години.

Годинава, првпат фестивалското жири го сочинуваат членови од странство – Мики Радојниќ, театролог, актуелен директор на „Стеријино позорје“, Милош Латиновиќ, директор на театарот и фестивалот „Битеф“, и Јанко Љумовиќ, театарски продуцент, професор, некогашен министер за култура на Црна Гора.

 Фестивалот ќе биде затворен на 16 јуни со свечено доделување на наградите. Во нивна чест ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Александар Поповски.