Почнува 40. издание на „Браќа Манаки“


Јубилејното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ свечено ќе биде отворено вечерва во Центарот за култура. Фестивалот за отворен ќе го прогласи претседателот на државата, Стево Пендаровски, а дел од свеченоста ќе биде и доделувањето на „Златната камера 300“ за животно дело на големиот светски и американски директор на фотографија Едвар Лакман.
На годинашниот добитник, композиторот Љупчо Константинов, наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ќе му ја врачи Игор Иванов-Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.
На свеченото отворање, публиката во Центарот за култура во Битола ќе го види и перформансот чиј режисер е Срѓан Јаниќијевиќ, кој вели дека тој е во контекст на годинешното мото на јубилејното издание на Фестивалот.
„Се работи за своевидно синематично доживување во кое и публиката е вклучена како актер, како еден фрејм од ‘филмот’. Доживување во кое реалноста се претопува во уметност, и обратно. Перформансот го работиме со Искра Шукарова и со режисерот Јохан Мелин од Шведска“, вели Јаниќијевиќ.
Сценографијата е на Марија Ветероска и Влатко Чачоровски, а костимите се на Марија Папуческа. Музиката е ремикс на Илија Цветковски од тема од „Среќна Нова 49-та“ на Љупчо Константинов. Во перформансот (покрај публиката) учествуваат студенти на ФМУ (Катедра за балетска педагогија) и Стефанија Милев.
По свеченоста на отворањето, во Центарот за култура ќе се одржат две проекции на најновиот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“. На премиерата на филмот ќе присуствува и директорот на фотографија Хозе Луис Алкаине. В недела (15 септември) во 10 часот ќе се одржи прес-конференција со него во Прес-центарот на фестивалот.
РАМКА: Лауреатот Едвард Лакман пристигна во Македонија
Годинашниот лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело, директорот на фотографија Едвард Лакман, пристигна во Македонија. Тој на скопскиот аеродром пристигна во текот на вчерашниот ден. Задоволен е што вечерва ќе му биде врачена наградата на фестивалот што ја слави работата на директорите на фотографија. Тој е љубопитен да ја запознае земјата во која доаѓа, поставува многу прашања за Македонија, го интересираат политиката и животот на луѓето. Исто така е заинтересиран и за историјата на фестивалот „Браќа Манаки“ и е среќен, како што рече, што е поканет оваа година кога се слави јубилејот.
Лакман со децении е во врвот на американските и светските директори на фотографија, со неколку филмови оскаровски кандидати и со 2 номинации за „Оскар“.

Ерик Кантона доаѓа во Скопје да снима филм
Продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“, како македонски продуцент, започна со снимањето на филмот „Сирена во Париз“, белгиско-француско-македонска копродукција, мјузикл и еден од најочекуваните кинематографски настани во Франција, во режија на Матијас Малзју, француска музичка суперѕвезда.
Во филмот игра шпанската актерка, Роси де Палма, ѕвезда на европската кинематографија, музата на Педро Алмодовар, која минатиот викенд пристигна во Битола на снимање.
Снимањето на „Сирена во Париз“ во Македонија ќе трае шест седмици од кои една во Битола, во битолската Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ каде што веќе интензивно се снима, а другиот дел од времето во Скопје, во студиото ФХ3Х. Потоа целата екипа продолжува со снимање во Франција.
Како дел од актерската екипа е и Ерик Кантона, француски актер и поранешен фудбалер на Манчестер јунајтед, кој ќе дојде на снимањето во Скопје, а во филмот играат и: Лабина Митевска, Роман Борaнжи, Алексис Михалик, Никола Авине, Лара Бејер и други.
Снимател на филмот е Белгијката Виргиние Сант Марин, која веќе има традиција на успешна соработка со продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“. Таа во Македонија ги снимаше и двата филма на Теона Стругар Митевска, „Јас сум од Титов Велес“ и „Господ постои, името му е Петрунија“.
Филмот е продуциран и ќе биде дистрибуиран од „Сони“, а македонски продуцент е Лабина Митевска.
Дејствието на филмот се случува во Париз. Поради обилните врнежи се случуваат големи поплави на Сена и мистериозни исчезнувања. Една ноќ Гаспар Снег, меланхоличен музичар, е привлечен од волшебниот глас на ранета, но убава млада сирена. Решен да ја спаси, Гаспар не знае дека ќе започне со големи авантури, кои преку моќта на љубовта и музиката може да го поправат неговото скршено срце. Сирената во филмот на секој што ќе се вљуби во неа му го крши срцето и тој умира. Но, Гаспар и онака има скршено срце, па не стравува да се вљуби во неа.
Агенцијата за филм на Република Северна Македонија истакнува дека покрај сите други карактеристики што ја прават Македонија привлечна дестинација за снимање, многу битна е и успешната примена на мерката за право на поврат на вложените средства, која, всушност, привлекува големи филмски имиња да соработуваат со македонски филмски професионалци.