Почнува 22. издание на ОФФ-Фест, вечерва настапува португалската фадо ѕвезда Мизија


Дваесет и второто издание на традиционалниот ОФФ-Фест ќе се одржи од денеска до 10 јуни во Националната опера и балет и МКЦ.

Отворањето на дваесет и второто издание на ОФФест (7-10 јуни) ќе биде целосно во знакот на португалското фадо со една од неговите клучни протагонистки, Мизија.

Вечерва, заедно со својот исклучително квалитетен состав, таа ќе настапи премиерно во Скопје, претставувајќи го својот актуелен албум „Animal Sentimental“, едновремено навраќајќи им се на старите класици, низ еден инспиративен аудио-визуелен перформанс.

МИЗИЈА е пионер, слободен дух, што успеа да изгради своја патека во жанрот и веројатно затоа го доби прекарот „анархист на фадото“. Првите успеси ги бележи во странство: прво во Шпанија и Јапонија, потоа во Франција и Германија. Набргу стекна и светска популарност, започнувајќи вистинска интернационална кариера. Во 1993 година таа стана втората пејачка по Амалија Родригез што го однесе португалското фадо на најголемите светски концертни подиуми. Безброј награди и одликувања, како и стотици илјади продадени плочи низ светот, добро ја илустрираат важноста на овој уметник во историјата на фадото, во португалската музика воопшто, во минатото и иднината. Нејзиниот уникатен глас одново и одново импресионира со својата театралност и авторитет, а уметнички стилизираната сценска продукција ја надополнува нејзината фасцинантна сценска појава, со која таа буквално ја маѓепсува публиката на своите концерти.

Оваа уметница, пејачка на сонливото фадо, вокалистка-актерка и раскажувач на сопствените и на приказните на другите, е првата што признава дека е „сентиментално животно“. Овој израз служи како наслов на нејзиниот актуелен албум (Animal Sentimental), ново поглавје во кариерата на Мизија којашто трае три децении.

Фестивалот годинава го сочинуваат осум концертни настапи и еден документарен филм. 

Фасцинантната моќ на модерната естонска фолк кралица МАРИ КАЛКУН, во комбинација со раскошната интерпретација на македонската традиционална песна од страна на единствената ЗАРИНА ПРВАСЕВДА и нејзиниот состав, создаваат услови за беспрекорно фестивалско доживување. Оригиналниот микс од пустинскиот гитарски блуз и транс ритмите на италијанската Таранта на волшебниот тандем ЏАСТИН АДАМС И МАУРО ДУРАНТЕ, ќе ја пресретне софистицираната интроспективна лиричност и неодоливиот шарм, талент и визија на нашиот њујорчанец КРСТЕ РОЏЕВСКИ. За мистериозната аура на култната чешка двојка ИРЕНА И ВОЈТЕХ ХАВЛОВИ ќе сведочи нивното уникатно концертно патување, но и прикажувањето на документарниот филм „Little Blue Nothing: A musical portrait of Irena and Vojtech Havlovi”, наведуваат организаторите.

ОФФ-ФЕСТ 2023 ќе го заокружат фуриозните настапи на две музички појави: новата world-music атракција БАБ Л‘ БЛУЗ со својот психоделичен марокански фанк-рок звук, како и деветчлениот оркестар на легендарното име на конгоанската румба, гитаристот ДИЗИ МАНЏЕКУ & ОДЕМБА ОК ОЛ-СТАРС.