Почнува 11. издание на Киненова со новиот филм на Мирослав Терзиќ „Три недели подоцна“


Единаесетотто издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова почнува вечерва под мотото „На прво светло“, а отворањето е во киното Фросина во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, со новиот филм на Мирослав Терзиќ, „Три недели подоцна“. Во главната конкуренција се шест филма, додека во селекцијата за дебитанти се четири први кратки филма на македонски режисери.

Фото: Б. Грданоски

Годинешен лауреат на Киненова е турскиот режисер Емин Алпер, кој е и претседател на жирито заедно со Александра Максимовиќ од Хрватска и македонскиот режисер Гоце Цветановски. За филмот „Спасение“ Алпер доби Сребрена мечка на годинешното Берлинале, а на Киненова ќе биде прикажан неговиот прв филм „Зад ридот“ од 2012 за кој на Берлинале доби две награди.

Директорот на ММФ Киненова Небојша Јовановиќ на прес-конференција минатата недела рече дека фестивалскиот визуелен идентитет е широк концепт за доживувањето на филмската уметност, освестување на инстинктот за креирање, но и во една линија поддршка на оние кои почнуваат да ја истражуваат моќта на подвижните слики кои се нарекуваат седма уметност. 

Фото: Б. Грданоски

За филмот на Терзиќ што ќе го отвори фестивалот, Јовановиќ вели дека овој филм не е одбран ни малку случајно за почетокот на новата фестивалска приказна на МФФ Киненова.

За ова издание тематскиот фокус е насилството помеѓу младите. А филмот на Терзиќ е моќна социјална драма, преку која режисерот прави сериозна и длабока психолошка деконструкција на српското општсетво кое е потонато во апатија и тешка корупција на свеста, чиви последици меѓудругото се и најранливите, оние кои треба да ја носат светлата иднина на едно општество, младите средношколци. И како што вели режисерот Терзиќ, од искуството при создавањето на овој по многу нешта значаен филм, кое било процес на преживување на траумите на младите кои ги играат филмовите: „Филмот не е за булинг, туку за насилството кое постанува секојдневен јазик на изразување младите луѓе“. Исклучително загрижувачко – заклучи Јовановиќ и ја најави соработката на фестивалот Киненова со Општина Кисела Вода преку работилницата за деца „Снимај паметно, остави трага“ под менторство на Марија Џиџева.

На 11. издание на ИФФ Киненова ќе имаме референтни автори и искрени филмски стории, моќни и гласни, рече Гена Теодосиевска, уметнички директор на Фестивалот.
Таа посочи дека „Киненова“ излегува од формалната македонска фестивалска шема и макотрпно се  избори за своето место на Европската и меѓународната фестивалска мапа на фестивали на новиот авторски филм. 
-Иако за жал со многу скромни средства, што значи повеќе потценет отколку вистински валоризиран Годинешниов буџет на фестивалот е понижувачки за сите нас кои со години сме дел од организаторите и промоторите на вистинските филмски вредности.  За разлика од неколкуте фестивали кои добија неверојатни и според мое мислење незаслужено високи буџети, а кои со години понудија ред филмови, два реда забава, со ликови кои никогаш и не биле на филмски сет, а камо ли да присуствуваат во некој од продукциските или постпродукциските процеси во создавањето на еден филм, само Киненова ги доби истите средства како и минатата година, а е единствениот фестивал во Македонија што е посветен на младите смели автори кои не се плашат да ги отворат најгорливите и најтешките прашања, или пак да ги дадат најнеочекуваните одговори преку нивниот филмски јазик. Нивните наративи не поттикнаа годинава да ја дочекаме филмската селекција  на еден од двата најреферентни фестивали на краткиот метар во Европа, Филмскиот фестивал во Драма, Грција со ИФФ Драма патува на Киненова, со шест кратки филма. Инаку следната година овој фестивал слави половина век од своето основање, а Киненова има намера нашата соработка да се одвива континуирано и во иднина. Овој фестивал последниве десетина години преку строги правила и висококвалитетна програма, ги доби лиценците за директна квалификации на филмовите од главната компетиција за Европските филмски награди, за Оскар и годинава и за Бафта наградите. Така се работи кога имате поддршка од градот, граѓаните, соодветните државни и владини иституции и високо профилирани организатори и професионални познавачи на филмската продукција и филмската уметност. Не сакам да потсетувам што се ние имаме, а реално што се немаме, подвлече Теодосиевска.
Теодосиевска информираше дека Земја во фокус е Албанија. 
-Ќе ги имаме фимовите „Засолниште меѓу облаците“ на Роберт Будина, „Напуштајќи го рајот“ на Генц Пермети и „Танцувајќи со облаците“ на Плутон Васи. Имаме селекција на шест кратки филмови во меѓународната селекција.

На прес-конференцијата минатата недела се обрати градоначалничката на Оштина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, која изрази задоволство од соработката со фестивалот Киненова и посочи дека слоганот „На прво светло“ испраќа силна порака за нови идеи во културата, концепт што Општина Кисела Вода  континуироано го претвора во реалност.

Фестивалот Киненова е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ и од Општината Кисела Вода.